Здраво, здраво! Како сте? Старите велат: „Земјата не е арамија!“ Тоа значи дека ако се обработува таа секогаш ќе ни даде плод и колку-толку, некогаш повеќе некогаш помалку, но важно е дека нема да останеме без ништо. Значи ако ја обработиме, секако дека ќе имаме корист. И бидејќи земјата е благородна и во неа растат разни треви, цвеќиња, дрвца некои видови растенија, кои порано не се одгледувале кај нас, нашата почва ги прифатила и сега успешно растат и раѓаат и тука. За една таква овошка што е од далеку, а што расте и кај нас ви пишувам токму денес.


Извор на витамин Ц

Кивито не е тропско, туку суптропско овошје, кое, за среќа, веќе се одгледува и кај нас. Поретко може да се најдат плантажи со киви, но затоа низ нашата Македонија дворските винови лози на многу места се заменети со ова сочно зелено овошје. Се смета дека кивито потекнува од Кина, а преку Нов Зеланд е донесено кај нас во Европа. Освен како што се вели во песничката дека со јадење на еден плод добиваме витамин Ц доволно за еден ден, кивито ги содржи и витамините А, Б1 и Б2, Е, како и калиум и магнезиум. Тие се добри за секоја диета бидејќи содржат малку калории, а многу вода. Кивито исто така е добар заштитник од грип бидејќи ни го зајакнува имунитетот, а одличен борец е против лошото расположение.

За крај на оваа мини-приказна за кивито, да ви кажам дека пред многу години кога ретко кој знаел за кивито овде во нашава држава, некои луѓе не знаеле дека кивито пред да се јаде треба да се излупи, па велеле: чудно овошје, вкусно и освежително ама многу боцка. Значи откако ќе го излупите кивито можете да го јадете свежо, а исто така без претходна подготовка може да завршат во некоја торта или овошна салата. Од кивито може да се прави и компот и слатко, но драго другарче како што и другпат сум ти пишал, сѐ што јадеш јади умерено, а свежо е најдобро, имам проверено! На здравје со нашиот овошно-зеленчуков поздрав: „Нема подобар лекар друг од д-р Овошје и д-р Зеленчук!“

Ваш, Филип Димкоски


Киви

Не само во Кина
туку и во нашите ниви
веќе се одгледуваат
сочни и зелени киви.
Однадвор боцкаат
и имаат сивкав тен,
а во себе витамин Ц,
доволно за еден ден.


За авторот

Филип Димкоски е поет од младата генерација македонски литературни творци кој пишува и за деца и за возрасни. Покрај тоа тој е дипломиран земјоделски инженер, новинар и долгогодишен соработник на „Колибри“ и „Нова Македонија“. Автор е на поетските книги „Најхранливи зборови од детска душа дарови“, „Божилак на исконот“, „Заедно да растеме“ и „Во градината има само љубов“. Добитник е на повеќе награди,а поезијата му е препејувана и објавувана на повеќе јазици во десетина држави.