Пожарите што со денови беснееја околу напуштената нуклеарна централа во Чернобил и ги зголемија стравувањата од радијација се ставени под контрола, соопштија украинските власти. Противпожарните служби посочија дека има уште неколку опожарени делови од шумите, но дека нема огнови што ѝ се закануваат на централата во која избувна нуклеарна катастрофа во 1986 година.
Гринпис од Русија завчера соопшти дека еден од пожарите беснеел само на еден километар од централата. Иако пожарите се вообичаени во областа, Гринпис посочува дека ова се најлошите пожари во изминатите децении. Во гаснењето на пожарите учествуваа стотици пожарникари, потпомогнати со хеликоптери и авиони, кои во понеделникот фрлија речиси 540 тони вода. Полицијата уапси 27-годишен маж, кој е обвинет за подметнување на пожарот, јави Би-би-си.