Министерството за надворешни работи соопшти дека Европската Унија ја прифатила иницијативата на министерот за надворешни работи, Никола Димитров за укинување на извозните рестрикции за земјите од Западен Балкан за набавка на медицинска заштитна опрема.
– По иницијатива на Димитров, на која се приклучија сите министри за надворешни работи од регионот, Европската комисија започна консултации со земјите членки за географско прилагодување на предлог регулативата за извозни рестрикции за медицинска опрема, со која земјите од Западен Балкан ќе бидат изземени од обврската за барање на извозни дозволи за набавка на ваков вид на опрема при увоз од земјите на ЕУ – информираат од МНР.
Новата Регулатива е предвидено да почне да се применува од 26 април, отсега покривајќи само една категорија – медицинските лични заштитни маски, за којашто ќе биде потребна посебна извозна дозвола за останатите земји кои не се изземени од нејзиниот географски опфат. Сите останати категории кои претходно беа предмет на рестрикции ќе бидат ослободени.
Шемата за извозни рестрикции беше воведена како мерка од страна на ЕУ за да се адресира епидемиолошката криза предизвикана од коронавирусот.
Во духот на меѓународната солидарност, новата шема ќе ги обврзе земјите членки на ЕУ експедитивно да ги процесираат барањата и да издаваат извозни дозволи за итни набавки во контекст на хуманитарна помош за справување со коронавирусот, врз основа на проверка за расположливоста, во консултација со Европската комисија.
Со изменетата регулатива, земјите од Западен Балкан ќе бидат целосно изземени од ваквиот механизам на ЕУ за сите видови на медицинска заштитна опрема и материјали, невде МНР.