Приказните зад уметничкото богатство, како што е „Смртта на Сарданапалус“ од Делакроа во „Лувр“ и „Фаетон, возејќи ја кочијата на Сонцето“, во Кралската академија на уметностите, ќе бидат бесплатно достапни до крајот на годината благодарение на најсимнуваната музејска апликација во светот. „Смартифај“ е апликација позната како „Шазам за уметност“ со тоа што им овозможува на луѓето да ги идентификуваат уметничките дела со едноставно скенирање со нивниот паметен телефон. Базата на податоци на апликацијата содржи околу 2 милиони уметнички дела од повеќе од 120 места, а наедно содржи и аудио и визуелни музејски тури, кои се мешавина од платени и бесплатни, во зависност од музејот или изложбата.
Но со оглед на моменталната ситуација, оваа година никој нема да биде во можност во живо да ги погледне „Мона Лиза“ во Париз или „Насмеаниот кавалер“ во колекцијата „Валас“ во Лондон. Затоа „Смартифај“ реши дека ќе ги направи сите свои аудиотури бесплатни за остатокот од годината.
Апликацијата „Смартифај“ е основана во Велика Британија како социјално претпријатие од четворица пријатели во 2017 година. Ана Лоу, една од коосновачите, рече дека мисијата отсекогаш била за поддршка на музеите и за зголемување на пристапот до уметноста.
– Ја започнавме апликацијата од љубов кон посета на музеите и галериите, да гледаме и да се поврзуваме со уметноста. Во моменти како овие, навистина чудни времиња, луѓето во уметноста, музика и култура гледаат инспирација, утеха, чувство за нормално. Сè што можеме да сториме за да помогнеме во тоа е да им помогнеме на луѓето да пристапат до уметноста и културата – забележува Лоу.