Нашиот прв приоритет, нашиот принцип, оној што ќе го користиме за нашите натпреварувања, а ги охрабруваме сите да го следат, е дека здравјето е во прв план. Би било повеќе од неодговорно да се форсира продолжување на мечевите додека работите не се 100 отсто безбедни. Ако фудбалот успее да се вклучи во дискусијата каде што сите придонесуваат позитивно и се има предвид глобалниот интерес над индивидуалниот, убеден сум дека иднината ќе биде подобра од минатото и ќе бидеме подобро подготвени за претстојните времиња, вели Инфантино, претседателот на ФИФА
Прераното рестартирање на фудбалот би било „повеќе од неодговорно“, ја пренесува „Би-би-си“ изјавата на претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино.
– Ниту еден натпревар, ниту едно натпреварување, ниту една лига не е вредна за да се ризикува ниту еден човечки живот – рече Инфантино.
Повеќето национални лиги во светот се во мирување поради пандемијата на коронавирусот, додека големите турнири, како што се Европското првенство и Копа Америка, се одложени за една година.
Претседателот на ФИФА посочи три приоритети за поддршка на фудбалот за време на пандемијата и по неа – прво дека здравјето доаѓа на прво место, потоа дека ФИФА е подготвена проактивно да му помогне на фудбалот во овие исклучителни околности и дека се одвива процес на консултација за да се разгледа идната еволуција на спортот, пишува на интернет-страницата на ФИФА.
– Нашиот прв приоритет, нашиот принцип, оној што ќе го користиме за нашите натпреварувања, а ги охрабруваме сите да го следат, е дека здравјето е во прв план. Би било повеќе од неодговорно да се форсира продолжување на мечевите додека работите не се 100 отсто безбедни. Ако фудбалот успее да се вклучи во дискусијата каде што сите придонесуваат позитивно и се има предвид глобалниот интерес над индивидуалниот, убеден сум дека иднината ќе биде подобра од минатото и ќе бидеме подобро подготвени за претстојните времиња – вели Инфантино.
ФИФА има резерви од 2,7 милијарди долари, т.н. фонд за итни случаи, а Инфантино вели дека се планира тие да се искористат.
– Благодарение на добрата работа во претходниве четири години, се наоѓаме во многу солидна финансиска состојба. ФИФА има добра репутација на финансиските пазари, тоа ни помага да имаме добри резерви, но нашите резерви не се пари на ФИФА, тоа се пари на фудбалот. Значи, кога фудбалот има потреба, треба да размислиме како да му помогнеме. Тоа е наша одговорност. Фудбалот запре во целиот свет, сите се соочуваат со економски проблеми на различни нивоа, од основата до професионалниот фудбал. Со оглед на ова, веќе работиме на процените на финансиското влијание за да одговориме соодветно – изјави Инфантино.