Саутемптон финансира 1.000 оброци за најранливите
Фудбалерите на Саутемптон, менаџерот Ралф Хасенхатл и тренерите се првите во англиската Премиер-лига што се договориле со клубот за намалување на платите за 30 отсто, за април, мај и за јуни, во време на пандемијата на коронавирусот.
Саутемптон, исто така, финансира и испорачува над 1.000 свежи оброци неделно за најранливите луѓе во градот, преку сопствената добротворна организација „Фондација светци“. Л.Д.
Австралија опен веќе го планира турнирот за идната година
Тенисот е суспендиран до 13 јули, но Австралија веќе размислува за првиот гранслем во годината, Австралија опен во 2021 година.
– Мора да бидеме подготвени за променето опкружување. Се надеваме дека како заедница ќе го победиме ковид-19 што е можно побрзо и побезбедно. Но не знаеме која од сегашните мерки ќе треба да биде потребна на среднорочен и на долг рок – вели Крег Тили, директор на турнирот, кој меѓу потенцијалните активности ги посочи карантин за тенисерите и натпреварување без гледачи.
Тенисерите ќе играат видеоигра за помош на колегите
Најдобрите светски тенисери ќе се префрлат на видеоигри од 27 до 30 април, откако организаторите на откажаниот турнир Мадрид опен соопштија дека ќе организираат виртуелен турнир за да соберат средства за загрозените тенисери што зависат исклучиво од наградите од турнирите, а поради пандемијата се без шанси да заработат, пишува „Индепендент“. Победниците ќе добијат по150.000 евра и тие ќе решат колку ќе одат за помош на колегите.
Сопствениците на Вест хем најавија „свежи“ пари застабилност на клубот
Во Вест Хем, англискиот премиерлигаш, фудбалерите, менаџерот Дејвид Мојс и потпретседателот Карен Брејди прифатија намалување на платите за 30 проценти. Клубот објави и подолг список мерки со кои ќе се осигури дека ќе продолжат да го плаќаат целиот нефудбалски персонал, а сопствениците на клубот, Дејвид Голд и Дејвид Саливан, најавија дека ќе вложат „свежи“ 30 милиони фунти за да обезбедат стабилност на клубот во овој тежок период со пандемијата на коронавирусот. Л.Д.