Сингапур им ја забрани на наставниците употребата на алатката за видеоконференција Зум, по инцидентите во првата недела од воведувањето карантин, кога училиштата почнаа со настава од дома, пренесува „Гардијан“.
Меѓу инцидентите спаѓаат појавата на непристојни слики и коментари што можат да се слушнат за време на наставата спроведувана преку апликацијата.
Зум се соочи со проблеми поврзани со безбедноста и приватноста во врска со нејзината апликација за видеоконференции, чија употреба се зголеми во канцелариите и училиштата ширум светот, откако беа затворини за да спречат ширење на заразата.
– Овие се многу сериозни инциденти – изјавил вчера Арон Лох од одделот за технологија при министерство за образование во Сингапур.
Лох рече дека министерството дополнително ќе ги советува наставниците за безбедносните протоколи, како на пример, да бараат безбедни најавувања и да не ја споделуваат врската за состаноци надвор од учениците.
Од компанијата „Зум“ изразија вознемиреност кога слушнаа за инцидентите. Тајван и Германија веќе ја ограничија употребата на Зум, додека Гугл оваа недела ја забрани десктоп верзијата за корпоративни лаптопи. Компанијата „Зум“ исто така се соочува со тужби.
За решавање на безбедносните проблеми, компанијата „Зум“ започна 90-дневен план за решавање на проблемите со приватноста и безбедноста.
Владата на Сингапур исто така ја користела алатката Зум за држење на прес-конференции за медиуми.