Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, денеска на редовна прес-конференција во Владата ги презентираше наодите од спроведените инспекциски надзори во периодот од шести до осми април годинава.
Таа истакна дека за период од овие три дена од страна на шест инспекторати се направени вкупно 1.346 надзори за почитување на мерките и препораките на Владата за заштита од ширење на коронавирусот.
– Од вкупно 547 контроли спроведени од Државниот пазарен инспекторат еден дел се однесуваат на работењето на угостителските објекти, а останатиот на контроли на замрзнатите цени на одредени производи. При тоа се затворени вкупно 4 угостителски објекти во Битола, Гостивар и Тетово, а од визуелната обиколка низ повеќе градови констатирано е дека угостителите ги почитуваат забраните за работа. Државниот пазарен инспекторат изминатите три дена интензивно ги контролираше и кафематите на бензинските пумпи и на други локации по градовите и при тоа во периодот од 6 до 8 април се забранети за употреба 40 кафемати во Скопје, Охрид и Гостивар – рече Филиповска-Грашкоска.
Претседателката на Инспекцискиот совет истакна дека Државниот пазарен инспекторат ги контролира и замрзнатите цени на одредени производи.
– Во периодот од овие три дена направени се повеќе контроли на трговци во малопродажба и големопродажба, при што кај еден дел е констатирано зголемување на цените по што на истите им е наложено да ги вратат старите цени од 11 март – посочи Филиповска-Грашкоска.
Државниот инспекторат за труд за периодот од овие три дена реализирал вкупно 422 контроли при што се донесени едно решение и 11 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата.
Поголемиот дел од овие надзори биле поврзани со постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронични болни, соопшти претседателката на Инспекцискиот совет на денешната прес-конференција.