Унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто упати честитки за започнувањето на преговорите со ЕУ и за членството во НАТО.
На заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, Сијарто рече дека Унгарија ќе се обиде да издејствува најдоцна до мај да се затвори рамката за преговорите и најдоцна во јуни да почнат самите преговори.
Во однос на унгaрската помош што денеска беше донирана за здравствените служби, Сијарто нагласи дека таа е со цел подобро справување со кризата предизвикана од коронавирусот.
– Соработката со Унгарија и Кина ефикасно функционира и постојано пристигнува медицинска опрема на територијата на Унгарија. Во изминатата недела купивме од Кина една фабрика за производство на оваа опрема која ќе произведува заштитни маски. Веќе машините се инсталирани и многу бргу ќе започне и производството, така што е возможно да ви пружиме и конкретна помош – посочи Сијарто.
Унгарскиот министер ја оцени координацијата помеѓу земјите-членки на ЕУ како бавна и, како што рече, државите биле оставени лично да се борат со коронавирусот.
Во врска со миграциите, Сијарто истакна дека унгарските полицајци заедно со македонските полицајци на границата, годинава спречиле најмалку 5.600 обиди за илегален премин. Воедно, унгарскиот министер нагласи дека имаат огромен интерес за справување со миграцискиот притисок.