Најдобрата претстава за 2019 година според „Јутарњи лист“
Шекспировиот „Ричард Трети“, претстава на драмскиот театар „Гавела“ од Загреб, во режија на македонскиот режисер Александар Поповски, која во 2019 година ја освои наградата „златно студио“, која ја доделува хрватскиот весник „Јутарњи лист“ за најдобра претстава според гласовите на читателите и публиката, е новата бесплатна претстава што се подарува во рамките на акцијата „Останувам дома, гледам и слушам“.
– На нашиот портал претходно се прикажани 12 наслови од различни хрватски театри и разновидни се, за различна публика на нашиот онлајн-театарски фестивал да си најде нешто за себе. „Ричард Трети“ на Поповски донесува нов начин на гледање на Шекспировиот крал, и тоа во согласност со обликот на злото во денешниот свет. Ововремениот Ричард е симпатичен и инфантилен, а исконски е гад. Во претставата извонредно одвратниот Озрен Грабариќ е заводлив подлец, исто како што злото во современиот свет неретко се појавува низ привлечна маска, меѓу другото и преку популизмот – велат од „Јутарњи лист“.
Претставата е „модерна партитура“ со изговор на текстот, кој е баланс помеѓу некаков артифициелен уличарски изговор на Шекспир на сцената.
– „Ричард Трети“ на „Гавела“ е интересен и како режисерско читање на Шекспир низ некои вешто и балансирано вклопени асоцијации од културата на ТВ-сериите од крајот на 20 и почетокот на 21 век, но и како претстава со прекрасна музика и исклучителен актерски влог – велат од порталот.
Озрен Грабариќ беше номиниран за театарската награда „златно студио“ во категоријата за најдобар актер на главна улога во оваа претстава, а Бојана Грегориќ беше номинирана за улогата на кралицата Маргарета.
Во театарот „Гавела“, Поповски претходно ја постави претставата „Сон на летната ноќ“, една од најуспешните во нивниот театар, а „Ричард Трети“, според нив, е претстава со режисерска визија што носи исклучителна енергија и политичност, а е приказна за амбицијата, властољубието, моќта и желбата за доминација.