Гевгелија
Во Гевгелија профункционира пунктот за земање брисеви за тестирање за коронавирусот. Пунктот се наоѓа во дворот на Општата болница, односно во бараката каде што порано беше сместено Одделението за кожни болести, веднаш до главниот влез на болницата. Но со издвоен приод и, според препораките на СЗО, на потребната оддалеченост од другите граѓани, кои имаат други потреби во Општата болница.
– Во целосно изолираниот пункт, се примаат пациенти за земање брис исклучиво со упат од матичниот лекар, кај кого претходно може да се закаже. Во согласност со направена епидемиолошка анкета, матичниот лекар ќе одлучи дали пациентот треба да се јави во пунктот – известуваат од локалната самоуправа на Гевгелија.
Инаку, Општина Гевгелија донира медицинска опрема за гевгелиското здравство. Од страна на Општината, се набавени два комплета медицинска опрема и за Општата болница и за Центарот за здравје – ПЕ Гевгелија. Станува збор за медицински паравани, медицински кревети, витрини и масички за лекови.
– Во овој момент, овие комплети беа посочени од страна на првите луѓе од Општата болница и Центарот како најпотребни поради зголемениот број интервенции, кои се вршат според новите епидемиолошки услови. Општина Гевгелија и понатаму ќе излегува во пресрет на потребите и барањата на здравствените установи во општината, бидејќи тие се најистурениот дел во битката со пандемијата од коронавирусот – вели градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков.