Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја напушти работата на Собранието, изјави денеска на прес-конференција пратеникот Антонио Милошоски, но не прецизираше дали тие нема да учествуваат само на оваа седницата на Комисијата за европски прашања и на 51. седница на која се носи ратификацијата на договорот за спорот со името или и во другите парламентарни активности. Упати на одлука која треба да ја донесат партиските органи.
ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници гласаа против потребата за донесување на законот за ратификација на договорот, смета дека овој документ треба да го разгледува Комисијата за надворешна политика, а не Комисијата за европски прашања. Милошоски на прес-конференцијата обвини за злоупотреба на европското знаменце на Предлог-законот за ратификација на договорот за името.
– Правно договорот е антиуставен, национално е понижувачки, рече Милошоски.
Ако договорот со Грција е толку добар, праша Милошоски, зошто го криеја, зошто не организираа прослава, не дозволија да биде разгледан од професори…
– Зошто го гласаат во еден ден и зошто ја менуваат матичната Комисија која можеби ќе одлучеше да расправа, три, 13 или 30 дена. Тоа укажува дека овој договор не е компромис туку уцена дали за претходно сторени дејствија или за одредени награди кои во иднина ќе следуваат. На тие личности кои ова го направиле во свое име занемарувајќи го народот, интересите на граѓаните и институциите како што се претседателот на Република Македонија- рече пратеникот Милошоски.
Гласањето на парламентарното мнозинство денеска, како што кажа пратеникот, за „договор уцена“ е најсилниот аргумент за ослободителната пресуда за случајот „Поткуп“.
– Станува јасно дека некој преземал обврска Македонија да ја доведе да се согласи и да потпише во потчинета положба кон друга држава. Доказ за тоа е брзањето на власта во скратена постапка да го протурка овој договор со Грција без да даде можност да има расправа и да има аргументи- обвини Милошоски.