Ејуп Алими и Исмет Гури, обвинетите во предметот „Титаник 3“, денес добија по три и пол години затвор за изборни нерегуларности во Чаир на локалните избори во 2013 година. На изрекувањето на пресудата присутен беше Гури, додека Алими отсуствуваше.
Со помош на сведоци, докажано беше дека Алими и Гури преправале записници за гласање за избор на градоначалник. Тие додавале повеќе гласови за кандидатот на ДУИ, а на другите кандидати им крателе гласови.
Судијката Марија Клетничка, при читањето на пресудата, потенцираше дека Гури му се заканувал на претседателот на изборната комсиија во Чаир, а го натерал да ги потпише записниците кои биле сменети. Потоа, врз основа на тие записници, ДИК ги поништи изборите на гласачките места во Чаир.
Поради постоење на ефективна пресуда против двајцата обвинети, обвинителката Фатиме Фетаи денес побара од судот, како мерка за претпазливост, одземање на нивните пасоши и забрана за напуштање на местото на живеење.
Адвокатите на обвинетите реагираа на ова барање, со образложение дека нема потреба од вакви мерки, бидејќи и Алими и Гури биле примерни во текот на трењето на целиот судски процес и оти не постои опасност од нивно бегство. Тие притоа наведоа дека, всушност, некои од сведоците избегале од земјава.
Судијката Клетничка одлучи делумно да го прифати барањето на обвинителството, при што нареди само одземање на пасошите на Алими и Гури.
Пресудата е правосилна, а обвинетите имаат право на жалба. Ова е прва пресуда за предмет кој го водеше СЈО, а во кој беа обвинети функционери на ДУИ.