Има прекршувања во случајот со почината стружанка од коронавирус, која и покрај тоа што имала упат од матичниот лекар не била примена во охридската болница, извести денеска Иринка Сотирова-Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Вонредниот надзор во болницата кој почна вчера се уште трае, а комплетен извештај директорката најави дека ќе има до крајот на денот.
– Од досега добиените информации ќе ви потврдам, да, утврдено е прекршување во однос на неовозможување на здравствена заштита на пациент кој побарал здравствена заштита. Се однесува на здравствен работник кој бил дежурен во времето кога пациентката е донесена на преглед. Точен е податокот дека матичниот лекар за пациентката има издадено упат на 25 месецов. За сите други прашања ќе можам да одговорам и ќе го информирам и министерот во целокупниот извештај кој ќе биде подготвен денеска, затоа што изјави од лицата кои вечерта работеле или дежурале, тој ден или следниот ден во охридската болница, се уште се земаат – рече директорката Сотирова-Бухова.
Во инфективното одделение во охридската болница работат тројца специјалисти и двајца специјализанти како високомедицински кадар, доктори и повеќе сестри.
– Одговорноста која ќе ја имаат и ќе се утврдува понатаму, ќе се утврдува од страна на ДСЗИ по членовите кои се овозможени од Законот за здравствена заштита – најави директорката Сотирова-Бухова.
Таа извести дека Обвинителството иако јави дека има постапка за починатата стружанка, се уште не побарало информации од Инспекторатот.
– Ние како Државен санитарен и здравствен инспекторат обврзани сме да ги информираме сите институции кои може да постапуваат по ова прашање – рече Сотирова – Бухова.
Нагласи и дека инфективното одделение во охридската болница функционира и ќе биде примен секој што ќе дојде со упат.