Кога почнала со работа, болницата била сместена во зградата во која претходно се наоѓала Грчката болница на Црвениот крст. Која е таа зграда и дали може да се лоцира во кој дел на Скопје се наоѓала болницата на леди Корнелија Вимборн Спенсер-Черчил? Од денешен аспект, тешко е да се утврди тоа, со оглед на многуте згради што се урнати. Но не е и невозможно
Скопски легенди
Болниците и болничките капацитети во Скопје имаат своја историја, на која е добро уште еднаш да се потсетиме во денешните тешки услови на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Леди Корнелија Вимборн Спенсер-Черчил формирала болница во Скопје, а тој податок од историјата на градот е малку познат или заборавен. Од чинот на формирањето на болницата се поминати повеќе од сто години. Како се случило оваа позната хуманистка да дојде во Скопје и во тешките услови на Првата светска војна да му помогне на градот? Која е всушност леди Корнелија Вимборн Спенсер-Черчил? Во каква роднинска врска е таа со славниот англиски политичар? Леди Вимборн е родена во 1847 год., во познато аристократско семејство. Нејзиниот брат, лордот Рандолф, успешен политичар (таткото на Винстон Черчил), бил две години помлад од неа, роден е во 1849 год.
Тие двајцата се внуци на седмиот лорд од Марлборо, кој исто така се занимавал со политика. Во нивната семејна лоза постои податок дека биле блиски роднини и со ирскиот вицекрал. Во 1868 г., леди Корнелија се омажила за првиот барон од Вимборн, исто така од познато аристократско семејство. Со него имала девет деца. Вклучувајќи се во повеќе хуманитарни акции и во работата на Црвениот крст, патувала по светот како авторитетна и ценета личност. На почетокот на Првата светска војна, кога се јавила потреба од засилена медицинска помош, а во рамките на познатата СПФ-единица за нега и лекување на ранетите, таа се упатила на Балканот.
Леди Корнелија Вимборн Спенсер-Черчил во Скопје пристигнала на 13 февруари 1915 година, со својата голема медицинска екипа. Болницата што требало да биде формирана во градот била помогната од тогашната влада, но и со финансиски средства и донации од самата леди Вимборн. Во болницата работеле и епидемиолози, владееле многу болести, најмногу тифусот. Во тоа време условите биле многу тешки. Офанзивата од север се приближувала кон Скопје, а тифусот бил на врвот од својата експанзија. Нејзиниот тим бил составен од познати лекари и искусен медицински персонал. Можела да располага со капацитет од сто и педесет болнички легла.
Еве го составот на персоналот. Работеле тројца врвни хирурзи, и тоа: д-р Едмунд Џонс, член на Кралската академија на хирурзите, д-р Ланселот Ворд и хирургот д-р Артур Х. Синклер, еден од пионерите на британската офталмологија. Биле ангажирани и двајца општи лекари. Епидемиолог и бактериолог во болницата била докторката Елси Симиел од Сиднеј, Австралија, која веќе подолго време специјализирала во Лондон. Функцијата на главна медицинска сестра ја извршувала госпоѓицата Евелина Робертс, а биле ангажирани и повеќе медицински сестри. Преостанатиот персонал го сочинувале: еден аптекар, еден офицер за снабдување, поголем број болничари и болничарки, готвач со својот помошник и две работнички во пералницата за алишта.
Кога почнала со работа, болницата била сместена во зградата во која претходно се наоѓала Грчката болница на Црвениот крст. Која е таа зграда, и дали може да се лоцира во кој дел на Скопје се наоѓала болницата на леди Корнелија Вимборн Спенсер-Черчил? Од денешен аспект, тешко е да се утврди тоа, со оглед на многуте згради што се урнати. Но не е и невозможно.
Во тоа време, странската медицинска помош била околу шест болници, сместени на разни страни во Скопје. На пример, некои од нив биле лоцирани околу зеленото пазарче, на просторот спроти старата железничка станица. Една болница се наоѓала во Учителската школа, односно во гимназијата во Идадија. Друга била сместена на тврдината Кале, а функционирала и болницата на Полумесечината од турскиот период, кај денешното сајмиште. Комплекс од болници бил лоциран и во Топаана, кај некогашните коњички касарни, каде што денес се наоѓаат американската амбасада и Француските воени гробишта. Но каде била зградата на грчката медицинска екипа, а подоцна болницата на леди Вимборн?
Просторот на болницата на леди Вимборн успеав да го утврдам со компаративна анализа на текстови што се пишувани во тоа време. Еден запишувач, автентичен сведок на тоа време, таа зграда ја лоцира во стариот дел од градот, односно во чаршијата, која тогаш изобилувала со монументални објекти. Во тој запис се вели: „Одејќи преку мостот и по главната улица на стариот дел на градот, наидовме на зграда во која ранетите ги носеа на носила, и заклучивме дека тоа мора да е местото… Откривме дека се наоѓаме во Грчката болница, каде што повеќето од случаите беа тифусни“.
Подоцна, по повеќе месеци интензивна работа во Скопје, поради затишје на фронтот, одлучено е болницата на леди Корнелија Вимборн Спенсер-Черчил да се подели на два дела: едниот дел од екипата да се врати во Англија, а другиот да се распредели на преостанатите медицински мисии во Скопје. Таа и понатаму активно продолжила со своите хуманитарни мисии. Судбината одредила леди Вимборн да го надживее својот помлад брат, лордот Рандолф, кој починал во 1895 год., но и својот сопруг, баронот Вимборн, кој починал 1914 г. Таа ја преживеала Првата светска војна, а починала во 1927 година, на осумдесетгодишна возраст.