Димитар Мицев, сопственикот на телевизијата, вели дека и покрај тоа што објектот и опремата се пеплосани, за него и за сите струмичани, ТВ ВИС ја претставуваат луѓето кои работат во медиумот, а нивниот дух не е скршен
И покрај тоа што во вчерашниот пожар во поранешната касарна во Струмица, изгоре целата опрема на регионалната ТВ ВИС, според вработените и првите луѓе на телевизијата, сопружниците Димитар и Сузана Мицеви, таа ќе продолжи со работа, бидејќи тоа е неопходно во овие кризни времиња.
Веќе 28 години телевизијата ВИС, како што велат струмичани, е очите и уште на нивниот град, но со својот квалитет и содржините што ги нудеше, непристрасното информирање и објективноста таа бееш почитувана во целата земја и нејзини содржи преземаа и другите локални телевизии.
– Тешко е многу во овие времиња, но навистина има полоши работи. Да точно е, нашата ТВ ВИС во физичка смисла не постои, но добро е што нема човечки жртви. Сега имаме само лиценца, без простор, без опрема, но продожуваме најпрофесионално да известуваме на веб-страницата, на јутјуб-каналот и на профилите на социјалните мрежи. Во прво време ќе позајмиме камери од фото-студија, а се надеваме и други колеги ќе ни излезат во пресрет. Сите што се во можност. Проблемот да биде уште поголем не сме ниту осигурани во некоја од осигурителните компании, што е голем пропуст, но тешки беа последниве години, едноставно немаше средства за осигурување – вели познатата телевизиска новинарка Сузана Мицева.
Нејзиниот сопруг Димитар, газдата на телевизијата дополни дека и покрај тоа што објектот и опремата се пеплосани внатре, за него и за сите струмичани ВИС се луѓето кои работат во медиумот, а нивниот дух не е скршен.
– Ќе најдеме начин да продолжиме да информираме и да работиме. Светот се бори со пандемија, за човечки животи, ова е шок, но е сепак материјално. Ќе продолжиме храбро напред и од срце на сите им благодариме за поддршката. Немаме зборови како да им се заблагодариме на пожарникарите кои девет часа се бореа со огнената стихија. До премалување, до последна сила. Тоа се посебни луѓе. За жал тројца од нив се повредени и им посакуваме што побрзо закрепнување. Инаку, се уште не се знае која е причината за пожарот. Ние очевидците гледавме само како чад зилегува од повеќе места од зградата. Таа е доста стара и место бетонски плочи има греди, а тоа пак услови пожарот да биде уште поголем. Се уште пожарниакри седат надвор, бидејќи од време на време се глелда чад како излегува од зградата – посведочи Димитар Мицев.
Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев во гаснењето учествувале скоро сите пожарникари со сета расположива техника и по повеќе од шест часа пожарот е ставен под контрола.
– Запрено е ширењето и сега наши екипи го контролираат местото на пожарот – рече Гудев.
Тој информираше дека двајца од повредените пожарникари се на лекување во струмичката болница, а еден се здобил со полесна повреда на ногата.
Истрагата треба да покаже кои се причините на избивање на пожарот и колкава е материјалната штета.
Инаку, во зградата, освен ТВ ВИС биле сместени и други стопански и бизнис субјекти и невладини организации, еден текстилен погон и социјалниот повеќенаменски центар на општина Струмица, чија опрема исто така е целосно уништена.
Вработените, како што велат ни во сон не очекувале дека 28 години градена и создавана телевизија ќе изгори во пламен, но токму оваа катастрофа го разгоре нивниот дух да издржат и да направат уште подобра телевизија.
На официјалната интернет-страница на ТВ ВИС информираат дека телевизијата нема да ги остави гледачите без содржини и дека екипите ќе работат и понатаму на терен. Ќе ги информираат граѓаните за се што се случува во регионот преку официјалната веб -страница, фејсбук-страницата, а вестите ќе се емитуваат на официјалниот јутуб-канал.
Со соопштение вчера се огласија Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите во Македонија, кои со голема загриженост ја примија веста за опожарување на просториите на регионалната телевизија Канал ВИС од Струмица. Трите организации упатуваат заеднички апел до локалната самоуправа, државни институции, стопански субјекти, поединци да помогнат во рамките на своите можности за што побрзо враќање на телевизијата во етер.
– Локалните и регионалните медиуми во С. Македонија имаат посебно значење, бидејќи тие обработуваат теми од локален карактер кои се од јавен интерес. Без овие локални медиуми граѓаните остануваат лишени од важни информации кои се значајни за нивното секојдневно функционирање. Во кризни ситуации како оваа во која се наоѓа државата во моментов, важноста на локалните медиуми е уште повеќе изразена.Се надеваме дека колегите од ТВ Канал ВИС наскоро ќе се вратат на своите работни задачи и за почеток телевизијата ќе може да ја извршува барем својата информативна функција – се вели во соопштението.
Канал ВИС и вработените во него се очите на Струмица
И струмичани емотивно регираа на социјалните мрежи по веста за пожарот. „ВИС е присутна во секое наше семејство што ја направи наша телевизија, а со самото тоа нејзиното обновување е обврска на сите нас да дадеме придонес, кој колку можеме“, „Телевизијата и тимот професионалци ја заслужуваат нашата поддршка“, „ВИС е наша телевизија! Телевизија за нас и по наша мерка!“ „Знам дека од пепелта, како феникс ќе никне нов ВИС!“, „Канал ВИС се очите на Струмица, се надевам нема да се дозволи да градот остане слеп!“, „Материјалната штета е голема, но професионализмот е поголем“, „Ова е сепак голема загуба за медиумскиот простор во Македонија. Се надевам дека институциите и поединците ќе им помогнат да ја надминат оваа неволја“, гласат дел од пораките на струмичани за поддршка на телевизијата.
Ѓорѓи Калајџиев: Сите ќе му се радуваме на јубилејот – 30 години ТВ ВИС
Долгодишниот новинар на ТВ ВИС, Ѓорѓи Калајџиев, со многу емоции зборува за настанот, во кој огнот ја проголтал телевизијата во која поминал половина од својот живот.
– Во ТВ канал ВИС сум безмалку 29 години и сум единствениот од сегашните вработени кој е дел од оваа медиумска куќа од првиот ден. Долги години бев новинар и главен и одговорен уредник на телевизијата, а во последната деценија сум само водител, но без оглед на позицијата, посветеноста кон работата не признава различни амплитуди. Тешко ми е да се соочам со вистината, но знам дека секое ново изгрејдонце доаѓа после мракот и уверен сум дека ВИС многу наскоро ќе се врати уште посилен на високите позиции на македонскиот медиумски простор. Тоа го заслужува телевизијата, тоа го заслужуваат Сузана Мицева, Ване Трајков, Катерина Дафчева, Стојне Митева, Кире Пиличев, Тане Коџабашиев и сите останати од менаџерскиот, новинарскиот и техничкиот персонал на ТВ канал ВИС. Поткрепа на овој мој оптимизам ми даваат бројните јавувања, поддршката и најавата за помош од немал број колеги, телевизии, институции и поединци од цела држава, на кои бескрајно сме им благодарни – вели Калајџиев.
Тој е убеден дека телевизијата ќе биде феникс и оти гледачите од целиот југоисточен регион повторно ќе ја следат програма на овој популарен и квалитетен медиум.
– Следната година сите заедно ќе му се радуваме на јубилејот – 30 години ТВ канал ВИС – порачува Калајџиев.