Натпреварот би можел да биде извор на инфекција од ковид-19. Оваа концентрација на десетици илјади луѓе од истата област на едно место може да биде важен фактор на дифузија, вели Масимо Гали, раководител на инфектологија во болница во Милано, пренесуваат хрватски медиуми
Фудбалскиот меч во Лигата на шампионите помеѓу Аталанта и Валенсија, на 19 февруари, според италијански лекари, може да претставувал главна отскочна штица за наглото ширење на коронавирусот во Италија. Наместо во малиот град Бергамо, Аталанта ја пречека Валенсија во најголемиот град на Ломбардија, Милано.
– На тој натпревар присуствувале околу 40.000 жители на Бергамо, кој сега е посебно погоден од коронавирусот. Луѓето биле многу блиску, на помалку од еден метар на трибините, што секако, покрај другото, придонело за наглото ширење на овој вирус – смета Франческо Ле Фоче, имунолог од Италија, пренесе хрватскиот портал „Индекс“.
Дали епидемиите во Бергамо и во Милано имаа меѓусебна врска? Деновиве се појави хипотеза со која се занимава кризната единица на италијанската цивилна заштита, пишува „Јутарњи лист“. Секако, ништо не може да се докаже со сигурност, но теоријата постои и таа е поврзана со фудбалскиот натпревар Аталанта – Валенсија, пишува италијанската „Ла република“, пренесе „Јутарњи лист“.
– Натпреварот би можел да биде извор на инфекција од ковид-19. Оваа концентрација на десетици илјади луѓе од истата област на едно место може да биде важен фактор на дифузија – вели Масимо Гали, раководител на инфектологија во болница во Милано.
Неколку дена пред натпреварот (13 февруари) во Валенсија, Шпанија, починал човек што бил позитивен на ковид-19. Ова излезе на виделина на 3 март, а тој е и првата потврдена жртва на коронавирус во Шпанија, пишува италијанската „Ла република“, пренесува „Јутарњи лист“.
На 13 февруари, кога човекот починал и шест дена пред натпреварот во Милано, епидемијата веќе го зафатила југот на Шпанија, па прашањето е дали тој човек е само изолиран случај, или некој веќе бил заразен меѓу 2.500 шпански навивачи што пристигнале во Милано една недела подоцна, пишува „Јутарњи лист“. Речиси во исто време, Денот на вљубените се славел во ресторан во близината на Бергамо, а девет дена подоцна со сите гости што присуствувале на вечерата било контактирано од официјални тела, откако еден од гостите бил позитивен на коронавирусот. По мечот меѓу навивачите во метрото бил и шпански новинар, за кого неколку дена подоцна се утврдило дека е позитивен на ковид-19, пренесува „Јутарњи лист“. Тестирањето на 16 март покажа дека 35 проценти од играчите и од персоналот на Валенсија се заразени со коронавирус.
Во Македонија, Владата на 28 февруари препорача до 6 март спортските натпревари да се играат без публика, а наскоро потоа беше донесена и одлука да се прекинат сите домашни спортски првенства.