Пандемијата на коронавирусот беше причина да се откаже и годинашново Светско првенство (СП) во хокеј на мраз за мажи (8-24 мај) во Швајцарија, потврди Меѓународната хокеарска федерација (ИИХФ).
– Коронавирусот е глобален проблем и бара исклучителен напор во борбата против неговото ширење. Засега сме принудени спортот да го ставиме настрана и да им се даде поддршка на управувачките тела во хокеарското семејство – изјави претседателот на ИИХФ, Рене Фасел.
Откако не беше можно да се премести годинашново СП во некоја друга држава, останува отворено прашањето кога на Швајцарија повторно ќе ѝ биде дадена можност да биде домаќин, оти домаќините на СП до 2025 година се веќе одредени. Во 2021 година домаќини се Минск (Белорусија) и Рига (Летонија).
Минатата недела беа откажани и сите други мундијали во пониските групи во хокејот. СП за мажи се одржува секоја година, почнувајќи од 1930 година, а исклучок беше само во времето на Втората светска војна (1940-1946). Од 1947 до 2019 година се одиграни сите закажани шампионати, со таа разлика што во олимписките години (1932-1968) постигнатите резултати на олимписките турнири се сметале и како резултати на СП. Трипати (1980, 1984 и 1988), пак, немало турнири во олимписките години.