Со почетокот на викендот, армијата значително ќе го зголеми своето присуство во земјата и, во комбинирано дејствување со полицијата, ќе спроведува заеднички патроли и активности за обезбедување на сите државни граници на нашата татковина. Ова го најави началникот на Генералштабот на војската, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
– Ќе биде забележано значително присуство на армијата, комбинирано во заеднички патроли и активности, за обезбедување на сите државни граници на нашата татковина. Ќе имате можност да забележите наше учество и присуство во комбинирани заеднички патроли со полицијата и органите во земјата – изјави генерал-потполковникот Ѓурчиновски.
Процените на Генералштабот, наведе Ѓурчиновски, се дека нема потреба во моментов за каква било мобилизација на резервниот состав на армијата.
– Имаме доволни капацитети човечки и технички, искуство, знаење, имаме соодветни мерки. Единството, дисциплината на сите нас исклучиво е суштинска, за успешно справување со кризата, доследно почитување на мерките од надлежните институции – порача тој.