РАКОМЕТ

По видеосостанокот одржан меѓу претставници на ракометната Бундес-лига во Германија и клубовите, сите тимови изразиле подготвеност и желба да ја доиграат сезоната и на терен да го решат прашањето за титулата. Според претходната одлука, бундеслигашите ќе паузираат до 22 април. Првенството би требало да заврши во јуни, а прецизирано е и дека на 27 и 28 јуни во Хамбург ќе се одигра завршницата на Купот на Германија. Во моментов првопласирана екипа по 27 кола е Кил (44 бода), потоа следуваат Фленсбург (42), Магдебург (39), Хановер (36), Фуксе Берлин (35), Левен (34), Мелсунген (32)…

Германската ракометна федерација одлучи Бундес-лигата во женска конкуренција да заврши порано од предвиденото. Откажани сите дуели до крајот на сезоната, нема услови за тренинг, нема да има ни доволно време за да се вратат во тренажен процес екипите и да се доигра првенството, така што останува сѐ како што било пред паузата.
Лидер на табелата е Борусија Дортмунд, со еден бод предност пред Битенхајм и четири повеќе од Мецинген. Донесена е одлуката и да нема испаѓање од лигата, ниту, пак, некоја екипа од Втората лига ќе влезе во Првата. Нема да биде одиграна ниту завршницата од Купот на Германија во женска конкуренција, која беше закажана за 23 и 24 мај во Штутгарт. Истиот тој би се одиграл подоцна доколку има услови пред почетокот на наредната сезона.


И во Шведска заврши сезоната

По Норвешка и Швајцарија, третата држава што реши предвреме да ја заврши ракометната сезона е Шведска. Изминатиов викенд на програмата беше претпоследното коло од регуларниот дел од сезоната, но следејќи го развојот на настаните со коронавирусот, во Шведска решија да го прекинат натпреварувањето и на едно коло до крајот да означат крај на сезоната. Така, шампион е Алингсас, кој во последните две кола успеа да го стигне и престигне Малме, кој имаше предност од три бода.