Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, синоќа одби да ја коментира информацијата што се појави во некои американски медиуми дека Доналд Трамп изјавил дека Крим е руски.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, информативниот портал „Базфид њуз“ се повика на дипломатски извор кој потврдил дека за време на самитот со лидерите од Г-7 во Канада, Трамп изјавил дека полуостровот Крим припаѓа на Русија, бидејќи сите негови жители говорат руски јазик.
„Базфид“ забележува дека се уште не е јасно дали претседателот на САД тоа го кажал на шега или сакал да укаже оти се очекуваат кардинални промени во актуелната надворешна политика на САД.
На самитот на Г-7 што се одржа минатиот викенд во Квебек, Канада, Трамп исто така изјавил дека неговиот претходник, Барак Обама, „дозволил“ Крим да биде одземен од Украина.
– Прашајте го претседателот (Барак) Обама, бидејќи тој е оној кој го даде Крим. Обама нека зборува како што сака, но, тој и дозволи на Русија да го припои Крим. Јас најверојатно би имал поинаков однос (кон тоа прашање)- изјави тогаш Трамп.
Тогаш Трамп ја разгневи западната јавност кога им изјави на новинарите дека Русија треба да биде повторно примена во Г-7, групата на седумте најразвиени економии составена од САД, Германија, Франција, Италија, Велика Британија, Јапонија и Канада.
Лидерите на ЕУ, меѓу кои францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, изјавија дека Русија може да примена назад само тогаш кога ќе се види напредок во однос на конфликтот во Украина.
Трамп неколкупати ја повтори оваа идеја порачувајќи дека е пологично Владимир Путин да седи на иста маса бидејќи Г-7 троши многу време во разговори за Русија.
Средбата на Г-7 покажа дека постои јаз помеѓу САД и другите сили по многу прашања, како на пример политиката на протекционизам што Трамп ја заговара во трансатлантската трговија.