Тетово викендов по 27-ми пат ќе биде домаќин на хорскиот фестивал “Тетовски хорски одзиви” (ТЕХО). Свеченото отворање е на 16- ти, јуни сабота во 19.30 часот во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј”.

-Настапуваат градскиот женски младински хор Менада од Тетово, Нишкиот камерен хор, Женски младински хор од Скопје и академски машки хор Гусла од Софија, Бугарија, вели Ивица Зориќ, организатор на фестивалот и диригент на Менада.

На вториот фестивалски ден, во недела ќе биде организирана промоција на книга посветена на македонското црковно пеење. Почнувајќи од 12 часот часот во духовно културниот центар “Кирил Пејчиновиќ” во Лешок, љубителите на хорската музика ќе уживаат во настапот голем број домашни хорови.

-Книгата Антологија на македонското црковно пеење е од проф. Д-р Јане Коџобашија. Настапуваат камерен хор Херувими од Скопје, вокален ансамбл Мелиза од црквата Свети Илија од Скопје, Мешан камерен хор Рождество на Пресвета Богородица од Скопје, мешан хор Света Петка од Прилеп и Градски мешан хор Гортинија од Гевгелија, вели Зориќ.

Во октомври во духовно културниот центар „Кирил Пејчиновиќ” во Лешок ќе се одржи меѓународна конференција “Имплементација на хорската музика во образовниот сѕстем на Балканот”. Учесници ќе бидат претставници на балканскиот хорски форум од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија, Косово и Црна Гора.

Фестивалот „Тетовски хорски одзиви” за прв пат се одржа во 1973 година. Во 1997 година доби меѓународен карактер, а во 2012 година во рамки на фестивалот се одржа и меѓународниот форски фестивал на Православна духовна музика.

А.С.