Ширењето на коронавирусот ги прошири и стравувањата и претпоставките дека датумот за Македонија би можел да се одложи и поради епидемијата на коронавирусот, која ја парализира работата на институциите на ЕУ.
ЕУ тврди дека сака да биде геополитички играч на светската сцена. Но ако навистина сака да има таква улога, тогаш мора да води стабилна, конзистентна и морална надворешна политика, која нема да ги изневери очекувањата ниту на своите граѓани ниту на граѓаните на земјите, чија стратегиска цел е еден ден да бидат дел од европското семејство
ЕУ одбележува сто дена влада, односно сто дена од мандатот на новата Европска комисија предводена од Германката Урсула фон дер Лејен. Таа даде низа ветувања, што Комисијата планира да ги спроведе за да ја претвори ЕУ во геополитички играч, кој на глобалната сцена ќе може да им парира на другите светски сили како САД, Русија и Кина. Новата геополитичка унија би требало да учествува во обликувањето на светскиот поредок, наместо само да биде нем сведок, кој отстрана ќе гледа како другите сили го делат колачот.
Затоа во последно време сѐ погласни се повиците ЕУ да прерасне во нуклеарна сила, да има своја армија и да ги синхронизира разузнавачките служби за да може да ја интензивира размената на доверливи информации меѓу членките. Сето тоа се прави за да се оствари геополитичката компонента на ЕУ.
Еден од главните промотори на овие идеи е францускиот претседател Емануел Макрон. Тој веќе подолг период го застапува ставот за заедничка европска одбрана и за оддалечување од НАТО, а неодамна отиде и чекор подалеку и најави „вистинска европска армија“, но и нова нуклеарна стратегија за ЕУ. Со оваа нуклеарна стратегија за ЕУ, францускиот нуклеарен арсенал би требало да се „европеизира“, односно да се искористи за стратегиските интереси на целата ЕУ. Макрон нема намера да го предаде нуклеарното оружје на некој друг, туку сака тоа во иднина да биде темелот на нуклеарната одбрана на целата ЕУ.
Ваквите предлози не се без критики. Една од нив е дека францускиот нуклеарен арсенал е премал за да може да претставува соодветен нуклеарен чадор под кој би се засолнила целата ЕУ. Со други зборови, ЕУ со нуклеарниот арсенал на Франција не би можела да се нарече нуклеарна сила во вистинска смисла на зборот како другите нуклеарни сили (САД, Русија, Кина итн.). Од друга страна, Макрон со предлозите ризикува да ги расипе односите со Германија, која сѐ уште има аверзија кон нуклеарното оружје.
За Макрон и за неговите приврзаници, претворањето на ЕУ во геополитички играч се смета за единствен начин да се преживее во свет во кој доминираат силите што можат да ги остваруваат интересите на светско ниво. Франција и Германија, во изминатиот период, а особено по доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа, се обидуваа да ја претворат ЕУ во глобална сила, постепено оддалечувајќи ја од САД и трагајќи по нови партнери во Азија и во Африка. ЕУ полека се претвора во наднационален мегадржавен ентитет, со сите атрибути на мека и тврда моќ, кои инаку се инструменти на националните држави. За да може да ги оствари новите стратегиски цели на меѓународно ниво, таа треба да има економска моќ, но и ефективна воена моќ со нуклеарен потенцијал. Ова, како што посочува „Геополитика“, е сосема точна констатација, имајќи предвид дека сите клучни играчи во светот се нуклеарни сили, па затоа е невозможно да се заштитат економските и геополитичките интереси без соодветна воена моќ.
Но улогата на глобална сила со себе носи и големи дилеми, особено кога станува збор за водење стабилна надворешна политика (мека моќ), па дури и за интервенирање во трети земји (тврда моќ). Харвардскиот професор Џозеф Нај анализира дали светските сили водат (не)морална надворешна политика. Според него, еден од главните проблеми во надворешната политика на големите сили е сложеноста на контекстот, што ја зголемува веројатноста за појава на несакани последици. Затоа, вели тој, потребна е внимателност при носењето надворешнополитички одлуки, зашто во спротивно се зголемуваат ризиците од неморални последици. Сепак, нагласува тој, внимателноста е само неопходен аспект на добрата надворешна политика, ама не и доволен. Во иднина ќе бидат потребни визија и стратегија за правилно да се разбере и реагира на новите предизвици. Според Нај, моралноста на надворешната политика на силите треба да се цени според мотивите, средствата и последиците и таа често ќе добива лоши оцени.
Хуманитарните интервенции се една од сферите поради која моралноста на надворешната политика на големите сили често добива лоши оцени. Сакајќи да избегнат одговорност за последиците, приврзаниците на овие интервенции тврдат дека тие не успеваат поради недоволната посветеност на големите сили или поради мешање на геополитичките ривали. Како што посочува Тед Карпентер, аналитичар од институтот „Като“, таквите образложенија се омилени за хуманитарните интервенции во земји како Либија или Сирија. Според него, ако „хуманитарните интервенции“ создаваат полоши услови отколку што постоеле пред нив, тогаш тие се неуспешни. Но да се признае тоа значи да се дискредитира целиот концепт, па затоа негативните последици се минимизираат. Сепак, како што заклучува Карпентер, мали се сомнежите дека ситуацијата во земјите како Сирија и Либија денес е многу полоша од времето пред хуманитарните интервенции на големите сили.
Сепак, хуманитарните интервенции се крајност во надворешната политика на големите сили. (Не)моралноста на нивната надворешна политика може да се анализира и во однос на проектирањето на т.н мека моќ. Еден пример за тоа е (не)конзистентноста на политиката на проширување на ЕУ. Деновиве можеше да се прочита дека Грузија, Украина и Молдавија од Источното партнерство на ЕУ бараат поголема амбициозност од новата Европска комисија. Откако пред повеќе години им пропаднаа плановите за брза евроатлантска интеграција, трите земји сега бараат начини како да се приближат до блокот, додека ЕУ игра „топло-ладно“ со нивните евроинтеграции.
Играта „топло-ладно“ ѝ е добро позната на Македонија. ЕУ можеби деновиве обележа сто дена влада, ама Македонија обележа сто дена од уште едно неисполнето очекување за конечно да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, поради кои мораше дури и да го промени уставното име. По ланското француско вето за проширувањето, Македонија пак добива позитивни сигнали. Домашните експерти велат оти овој пат можеби очекувањата се пореални, ама сепак предупредуваат дека нема никакви гаранции за позитивна препорака. Да биде работата уште полоша, истовремено се појавија и шпекулации дека датумот за Македонија би можел да се одложи и поради епидемијата на коронавирусот, која ја парализира работата на институциите на ЕУ.
Коронавирусот и војните на Блискиот Исток се кризи што, по сопствено признание, го изненадиле новото раководство на ЕУ, кое во наредниот период очекувало главно да се мачи со преговорите со Британија за довршување на брегзит, како и со договарањето на новиот буџет на ЕУ. Да се надеваме дека коронавирусот овој пат нема да биде блокатор (изговор) на македонските евроинтеграции, како што претходно беа Франција или Грција. Конечно, ако ЕУ навистина сака да биде нов геополитички играч, тогаш мора да води стабилна, конзистентна и морална надворешна политика, која нема да ги изневери очекувањата ниту на своите граѓани ниту на граѓаните на земјите, чија стратегиска цел е еден ден да бидат дел од големото европско семејство.