Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, рече дека 21 лице на крузерот „Гранд Принцес“ е позитивно на коронавирусот.
На бродот има над 3.500 патници и членови на екипажот. Инфицирани се 19 членови на екипажот и двајца патници.
Пенс рече дека бродот ќе биде испратен во „некомерцијален“ дел од пристаништето каде ќе бидат тестирани сите патници и членови на екипажот, а оние на кои им е потребен карантин ќе бидат ставени во карантин, додека оние кои имаат потреба од терапија ќе ја добијат.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека би сакал патниците да останат на крузерот, но ќе им препушти нив да ја донесат одлуката.
– Лично, би претпочитал да останат, но целосно разбирам ако сакаат да слезат – рече Трамп пред новинарите за време на посетата на Центарот за контрола на болести и превенција (ЦДЦ) во Атланта.
„Гранд Принцес“ е од истата комерцијална линија како и крузерот „Дајмонд Принцес“ кој две недели беше во карантин во Јокохама, Јапонија, откако изби заразата на коронавирус, по што вирусот се прошири на бродот и заболеа повеќе 700 луѓе. Дел од експертите ја критикуваа одлуката на јапонските власти за задржување на патниците на бродот, сметајќи дека процедурите за карантин придонеле за ширење на вирусот.