За долгогодишното искуство и фанатичната посветеност во создавањето на музиката, особено во театарот, композиторот Љупчо Константинов е исто така добитник на наградата за животно дело на 53. МТФ „Војдан Чернодрински“. Тој е човек што постојано е во потрага по креативното, убавото, по оние тајни музички тонови и варијации што ја хранат и возвишуваат човековата природа. Константинов се вбројува во плејадата наши врвни, оригинални, автентични творци-уметници, достојни за почит.
Што за вас значи добиената награда?
– Многу ми значи наградата и искрено се израдував, бидејќи повеќе од 50 години сум посветен на творењето музика. Не прерано добиена.
Потписник сте на музика за многу претстави. Што значи да се твори, да се создава, особено за театар?
– Творештвото е големо задоволство. Читав едно истражување подготвено во скандинавските земји поврзано со прашањето: „Што е тоа среќа?“. И навистина го мислам истото што го мислат и таму, дека најголема среќа е да го работиш она што го сакаш. А имав среќа да го работам тоа што го сакам.
Што беше инспирација за создавање на музиката низ годините? И има ли нешто што оставило трага?
– Љубовта кон професијата, кон она што го работам. Добра екипа кога се собира на проект, позитивната енергија меѓу нив, текстот што се работи. Сѐ е поврзано. Многу нешта. Има многу сеќавања. Сум имал среќа да работам со значајни режисерски имиња. Континуирано, долги години, повеќе од 35 години работам со Паоло Маѓели, режисер-космополит, работев со Томаш Пандур, со Унковски, Станкоски, со Рахим Бурхан, Роберто Чули… Имало различни ситуации. Се сеќавам, кога ја работев втората претстава со Миле Корон – „Царот Едип“, имаше идеја за 5 инструменти и хор со актери. Кога ги чу нумерите со актерите, рече: „Не сакам ниту еден инструмент“. Тоа се моменти што остануваат во сеќавање. Пишувањето музика за театар е специфично. Мене ми е полесно кога компонирам за филм. Но, во театарот, кој е жива уметност, се открива нешто ново, се оди напред. Кога ќе се состави, се интервенира. Филмот е монтиран и сѐ се завршува.
Каде сме сега во создавањето музика во театарот?
– Мислам дека порано се инвестираше повеќе во културата. Вратите беа поотворени за разлика од сега.
Често сте во странство, ви останало ли нешто во сеќавањето од тие настани?
– Интересно беше секаде да се работи. Бев дел од многу фестивали. Во суштина многу бев изненаден како нѐ прифатија во „Дел театро“. По 15 минути имав впечаток дека те знаат цел живот. Во Подгорица доста работев со Паоло Маџели, со Мичуновиќ, Дедовиќ, Вукотиќ, беше убаво искуство, исто и со Лука Кортина. Претпочитам каде што може да се работи со жив оркестар тоа и да се практикува, бидејќи тогаш целата претстава се претвора во еден организам, каков што го сфаќам театарот. Поубаво задоволство нема.
Необичен човек што живее во свој чудесен свет
– Вообичаено за Љупчо Константинов се вели дека е необичен човек што живее во некој свој чудесен свет. Но за мене тоа е ретка привилегија што ја поседуваат само оние креативци со неверојатен инстинкт и божји дар што би сториле сѐ секојдневното сивило да го преточат во возвишен, креативен, музички, уметнички чин. И не случајно во театарските кругови во Љубљана, Марибор, Загреб, Сплит, Дубровник, Подгорица и другите културни центри со театрите со кои тој долги години соработува го нарекуваат апсолутен гениј како креативец, т.е. композитор во голем број претстави – театарски спектакл, забележува за Константинов, актерот Мето Јовановски.