Состојбата во БиХ, Црна Гора и во Косово сѐ повеќе личи на зона на предвоен конфликт, во кој секој секому му е „непријател“, со кого има нерасчистени сметки. Наспроти нив е Европската Унија, која е збунета и неодлучна за тоа дали да ги отвори вратите за нови членови, сметаат аналитичарите
Има ли поврзаност меѓу сегашните политички кризи на Балканот, а особено меѓу политичките процеси што се одвиваат во Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Косово? Оваа теза, која може да се слушне во последно време, повторно се актуализираше со блокадата на државните институции во БиХ, за што свое мислење даде и српскиот претставник во Претседателството на БиХ, Милорад Додик, кој изјави дека само „наивни можат да помислат“ дека е случајност во исто време да бидат отворени кризите во трите посочени земји. Објаснувањето на Додик е дека зад сето тоа стои меѓународната заедница, која се обидува „да го раздвои и деградира српскиот народ“.
Соговорниците на Ал џезира тврдат дека причините за појавата на политичките кризи се резултат на недејствувањето на Европската Унија и на ширењето на руското влијание, поради националистичките идеи, кои не престанаа да постојат.
– Кризите во БиХ, ЦГ и Косово, иако имаат целосно различна природа, се чини имаат некои заеднички причини. Едната се состои во отсуство на сериозна и осмислена стратегија на ЕУ, која дозволи во регионот на Западен Балкан да се зголеми влијанието на Русија. Очигледно е влијанието на руско-српската политика во БиХ, преку активностите на Додик; во Црна Гора со активностите на Српската православна црква, а во Косово, преку отсуството на чувството за реалност и за преговори – смета Драшко Ѓурановиќ, политички аналитичар од Подгорица.
Според него, во заднината на актуелните случувања во регионот е „идејата со која загубата на Косово треба да се надомести со територијална добивка, со ентитетот Република Српска во БиХ и со излегувањето на море преку Црна Гора, сфатено во политичка смисла. Тоа се остатоци од истата политика, која се претставена во меморандумот на САНУ, која сега не се спроведува директно од Белград, туку преку СПЦ“.
Од друга страна, Цвиетин Миливојевиќ, политички аналитичар од Белград, има спротивно мислење и смета дека настаните во ЦГ се граѓанско движење, кое има верски повод, а во основа стои несогласувањето за национализирање на имотот на верските заедници.
– Кризите во регионот не се поврзани, а приказните дека зад тоа стојат Белград, Москва, Брисел или Вашингтон повеќе личат на теории на заговор. Србија меѓу првите ја призна независноста на Црна Гора. Не е спорно дека кај Црногорците постои двојство на идентитетот. Третина од православните верници во Црна Гора се изјаснуваат како Срби, а 65 до 70 отсто како Црногорци. Сегашните протести имаат граѓански призвук и тие во сериозна држава не треба да ѝ пречат на власта. На протестите не се бара смена на Мило Ѓукановиќ, туку да не се применува или да се укине законот за црковниот имот – вели Миливојевиќ за Ал џезира.
Проблемот меѓу Белград и Приштина е константен и актуелната и секоја наредна влада во Србија нема да ја признае независноста на косовската држава, објаснува Миливојевиќ. Со овој став се согласува и Агрон Бајрами, уредник на приштинскиот дневен весник „Коха диторе“, но забележува дека главниот фактор на сите кризи во регионот се должи на „старата националистичка идеја за голема Србија“.
Младен Миросављевиќ, политички аналитичар од Бања Лука, смета дека состојбата во овие земји сега повеќе личи на зона на предвоен конфликт, во кој секој секому му е „непријател“, со кого има нерасчистени сметки. Наспроти нив е Европската Унија, која е збунета и неодлучна за тоа дали и кои земји од регионот да се примат во европското друштво.
– Причината за кризите во регионот се глобални, но има и многу други причини. Целиот регион е оптоварен од военото наследство. Нема изградено демократско искуство, ни политичка култура. Состојбата во Србија, Босна и Херцеговина, во Црна Гора повеќе личи на онаа од деведесеттите години и сѐ што се случува кај нив не е ни малку случајно – вели Миросављевиќ.
Клучната причина за кризите е што нема позитивен напредок, власта е сконцентрирана во владејачките политички елити, со кои раководат личности со апсолутна власт, политичкиот дијалог го нема, а опозицијата постои во мали делови. Повеќе не постои никаква идеологија, освен онаа на лоби-групите и личните интереси, кои се од финансиска природа, заклучува Миросављевиќ, во анализата на Ал џезира.