На Детската клиника на Одделот за онкологија денеска е отворена т.н. „Тивка соба“ со цел, како што посочи директорката на Клиниката за детски болести професор д-р Катерина Ставревиќ да им се разубави престојот на децата колку што е можно повеќе во текот на нивното лекување.
– Заедно со директорката на Клиниката за детски болести, Министерството за здравство и директорите од ова одделение успеавме да реновираме и да направиме една соба каде децата ќе може да си играат, посочи Марија Тасев- претседателка на Здружението „Санос“.
Таа најави проект со кој децата и родителите ќе добиваат психосоцијална помош за време на лекувањето.
– Наскоро ќе почнеме еден голем проект односно ќе градиме родителска куќа наменета за сите оние родители чии деца се на подолг престој во болницата. Ќе обезбедиме сместување и преноќување бесплатно- посочи Тасев.
Таа најави и изградба на нова дневна болница која е неопходна.
– Планираме целосно реновирање на Одделот за онкологија- нагласи Ставревиќ.
Таа посочи дека покрај другото во моментов на Одделот за онкологија на Детската клиника има најголема потреба од дополнителни клима уреди.