Оперскиот пејач Пласидо Доминго ретерира за јавното извинување што го објави деновиве во врска со обвиненијата за сексуално вознемирување и дискриминација, откако изјавата предизвика несакани реакции и откажување настапи во Шпанија. Доминго, кој се соочува со повеќе обвиненија за сексуално вознемирување, се извини за „повредата“ што им ја предизвикал на жените што го обвинуваат, велејќи дека прифаќа целосна одговорност за своите постапки.
Но шпанската мегаѕвезда сега тврди дека неговите зборови биле погрешно протолкувани.
– Чувствувам дека треба да објавам друго соопштение за да го поправам погрешниот впечаток создаден од моето извинување – рече славниот баритон, кој во претходната изјава изрази жалење без да потврди конкретно ниту едно од наводите.
Пласидо (79), кој беше директор и диригент во некои од најпрестижните светски оперски куќи, е обвинет најмалку од 20 жени за насилно бакнување, допирање и непримерно однесување во периодот од 1980-тите години.
Неодамна Доминго соопшти дека се повлекува од операта „Травијата“ во мадридскиот „Театро Реал“ и дека ќе го стори истото тоа со која било театарска или оперска куќа „што би можела да има тешкотии“ со неговото присуство.
– Знам што не сум направил и повторно ќе негирам. Никогаш не сум се однесувал агресивно со никого и никогаш не сум направил нешто за да нарушам или попречувам нечија кариера – вели тој.
Напротив, додава тој, во текот на петте децении во операта работел „да ја промовира кариерата на огромен број пејачи“.
– Моето извинување беше искрено и од дното на срцето кон сите колеги на кои сум им наштетил на кој било начин со нешто што сум рекол или направил. Како што сум покажал во многу наврати, никогаш немав намера да повредам или навредам некого – додава Доминго.