Синиша Алексоски, советникот за национална безбедноста на експретседателот Ѓорге Иванов, е вториот сведок во „Монструм” по Сашо Мијалков кој дава исказ во судница. Тој сега е вработен во Агенцијата за разузнавање и на самиот почеток кажа дека не познава никој од обвинетите. Тој кажа дека со тогашната министерка на МВР, ескдиректорот на УБК, Сашо Мијалков и ексдиректорот на БЈБ, Љупчо Тодоровски, комуницирал само службено.
Пред да се случи настанот, Алексовски не добил во писмена форма податок дека ќе се случи нешто на критичниот ден кога беа убиени петте лица кај Смилковско езеро. Но, усно бил известен за наводно присутна вооружена група во планини која ќе нападнела полициска станица.
– Секогаш пред верски празник, се следат стандардните оперативни процедури. Се собираат податоци за намери за терористички упади од екстремисти кои можат да извршат напади на верски објекти, каде има голема фреквенцина на луѓе. Во тие планови се опфаќа и движењето на претседателот. Стигаа известувања од полициски службеници, воени лица, овластени лица во УБК. Во еден од тие имав полициска дојава на податок, односно интерпретација на податок од страна на полицискиот службеник Зоран Трајковски, кој кажал дека има група која се движела по планините и може да изврши напад на полициска станица. Јас се видов со него и го прашав „Дали е изворен податок или интерпретација на податок“, како и „Дали напишал оперативна информација“. Ме извести дека со податокот ги известил припадниците на воената служба и припадниците на регионалното одделение на УБК во Куманово. Неговото барање беше доколку јас имам податоци, да ги споделиме и размениме, а јас му напомнав дека секоја година има дојава на полуинформации – рече Алексовски.
По настанот, сите се јавувале и сите се знаеле, рече Алексовски, кој напомена дека добивал пораки, меѓу другото и од Зоран Трајковски.
– Може да станува збор за поранешен полициски службеник Башким Бајрами, а според местото на настанот, тој живее на сто метри од местото на убиството. Во тој момент тој беше во бегство, па кажа дека дека доколку тој се враќал дома би го користел тој пат – додаде Алексовски.
Алексовски рече дека имал официјлни средби со семејствата на убиените деца, а се среќавале и неофицијално во домот на службеник кој бил задолжен за безбедноста на семејството Иванови.
– Првата средба со семејствата на жртвите беше во Кабинетот на претседателот на државата, по нивно барање за да ги презентираат оние материјали и разговори кои ги добиле од лидерот на СДСМ. Тоа беше официјална средба, каде беа изнесени одредени сомневања во однос на институциите и како тие постапувале со случајот, особено во делот на заштитата со класифицираност на одредени документи во предметот. На средбата беа и Ѓорге Иванов, записничар, генералниот секретар. Тие побараа дали имаме допис од странски претставници во врска со овој случај, за да им помогнеме. Неофицијални средби имавме во домот на Оливер Наќевски кој беше личен службеник задолжен за безбедноста на семејството на државата и близок роднина на едно од убиените деца – рече Алексовски.
Наќевски го известил Алексовски што било разговарано на средбата со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Алексовски обвини дека Заев изнел невистини за него, кога посочил на семејствата дека кај Смилковско езеро е најден неговиот телефонски апарат. Истото на Алексовски му го кажал и на адвокатот Насер Рауфи.
– Наќевски ме извести за средбата со лидерот на СДСМ, на која што тој упатил сериозни сомневања за инволвираност на високи полициски службеници во случајот со пасивно или активно однесување, инволвирајќи ме и мене, дека наводно некој мој телефон бил паднат кај езерото. Лидерот на СДСМ изнесува невистини и клевети. Тој посочи и дека има сомневања за потеклото на возилото „опел омега”, за кое што лидерот на СДСМ посочил, цитирајќи одредби во пресудата, можно е да биде сопственост на МВР, а користено од единицата Алфи – образложи Алексовски.
Две средби со Зоран Заев остварил Синиша Алексовски, потврди сведокот, а биле во Владата и Кабинетот на Иванов.
– Првата беше по мое барање, а втората по негово барање. На средбата беше соочен со извештаите кои првпат ги гледаше и баравме појаснување за тоа што го кажал на семејствата на жртвите и адвокатот Насер Рауфи. Заев негирал дека го споменал Алексовски, а кажа дека до него стигнувале секакви информации. Му кажав и на него дека во возниот парк на МВР нема возило „опел омега“. Неколку пари го прашав кој е изворот кој кажува лаги, но тој не ми одговори. Од него побарав да прекине да ми го злоупотребува името, на што одговори потврдно – рече Алексовски.
Тој негираше дека го изгубил телефонот и кажа дека му е дома заедно со службената сим-картица која тогаш ја користел.
– Јас јасно одговорив дека се уште го користам телефонот „Нокиа Е6“, со целата содржина, сите разговори, како и сим-картичката која е службена од МВР, која пак, ако сум ја изгубил ќе требало да направи дупликат-што не се случило. Во однос на возилото, јас кажав дека додека јас бев командант, а тоа едно 30 месеци пред да се случи настанот, во возниот парк имало „опер вектра”. За тоа возило имам потпишано налози за користење од службеници, за тоа има и податоци. По ноември 2009-та не знам. Ова лесно може да се провери и отфрли ваква невистина. Во однос на прашањето дали имам други податоци зо случајот, јас ја објаснив мојата улога во кабинетот на експретседателот – рече Алексовски, кој потоа кажа дека со Наќевски имал и трета средба.
На последната средба, Алексовски рече дека Наќевски бил загрижен дали предметот ќе биде завршен, односно, дали ќе останат истите обвинители или ќе има нови. Тој не одговорил на прашањата, а средбата била откако предметот бил во рацете на СЈО. Семејствата барале од Алексовски да побара информации од УБК, МВР и другите институции кои би им ги соопштил.
– Се она што ние ќе добиеме, тие во соодветен начин ќе бидат известени – рече Алексовски.
За убиството кај Смилковско езеро дознал од телохранителот на Маја Иванова.