Имаше многу емоции, букети цвеќе, прегратки и среќни лица на синоќешната промоција во Скопје, а Давид пресреќен на сите сакаше да им каже некој убав збор. Сепак, сите свои чувства тој најдобро ги изрази преку своите песни
По успешната промоција во Загреб, каде што младиот македонски пејач Давид Темелков веќе неколку години живее и работи, околу 400 присутни гости, вчеравечер во клубот „Сити хол“ во Скопје, имаа можност да уживаат во мини-концертот на кој Давид, во придружба на бендот со кој настапува во Хрватска, изведе неколку композиции од македонската верзија на својот прв албум „Дишам за нас“.
Македонската промоција на првенецот на Давид Темелков, кој го издадоа дискографските куќи „Хит рекордс“ и „Сити рекордс“, ја отвори телевизиската водителка Александра Јовановска.
– Иако во Хрватска Давид веќе покажа што се знае и умее и загрепската публика некако си го присвои, ние не го даваме. Тој е наша гордост, наш амбасадор, а неговата вредност ја препознаа и познати хрватски автори, пред сѐ Мирослав Рус, кои се потпишуваат на повеќето песни на албумот, но автор на некои од нив е и самиот Давид. Како што вели тој, на домашен терен секогаш е потешко, бидејќи одговорноста е поголема тука, но се надевам дека за сите нас, а особено за него ова ќе биде посебна вечер – рече во најавата Јовановска.
Давид, кој се појави на сцената, заедно со членовите на својот бенд, засилен со саксофонистот Горан Папаз, беше бурно поздравен од многубројните присутни, кои дојдоа со него да ја споделат радоста.
– Ви благодарам на сите што ме почестивте со вашето доаѓање. Пред да ја започнам оваа вечер музички, им упатувам благодарност на сите што ми помогнаа во организацијата на оваа промоција, на медиумите што ме поддржаа, но и на сите што ми помогнаа да го остварам својот сон – рече Давид поздравувајќи ги гостите.
Тој додаде дека секое доаѓање во Македонија се полни со духовна енергија и си ја полни душата со љубов во манастирот „Рајчица“ и во Бигорскиот манастир. Наедно тој им се заблагодари на монасите, монахињите и на неговиот духовен татко, отец Партениј, кои исто така го почестија со своето присуство на промоцијата, и им додели благодарница. Концертното претставување почна со насловната нумера „Дишам за нас“, а потоа Давид, во придружба на бендот, изведе уште неколку композиции од македонската верзија на албумот, а на задоволство на присутните ја отпеа и познатата македонската народна песна „Јовано, Јованке“.Последна тој ја испеа песната „Чувај ме Боже“, неговата молитва.
А кога одекна неговиот убав глас, гласниот аплауз и извиците „браво“, беа доказ дека песните ќе наидат на убав прием и меѓу домашната публика.
Имаше многу емоции, букети цвеќе, прегратки и среќни лица на промоцијата, а Давид пресреќен на сите сакаше да им каже некој убав збор. Освен претставниците на медиумите и неговите обожаватели, беа дојдени и неговите блиски роднини и пријатели, кои не криеја дека се гордеат со него.
Новите песни наскоро ќе ги слушнеме и на концертите со кои Давид ќе го промовира албумот во земјава, но и во целиот регион.
М.Т.