Залудни беа апелите, предлозите, заложбите за промена на изборниот модел во Република Северна Македонија. Всушност, повторно се покажува дека во државава навистина не постои желба на политичките елити да имаме почиста слика за соодносот на политичките сили во Собранието. Да беше така, ќе се ориентиравме на одржување избори во една изборна единица, која во суштина правично би го отсликала распоредот на силите во парламентот. Но оние што кројат и одлучуваат, пред сѐ ги гледаат само личната корист и статус.
Нееднаквоста на бројот на глaсачите во изборните единици е хроничен проблем, кој се провлекува и станува сѐ покомплексен проблем. Со други зборови, многу брзо мина периодот од падот на претходниот режим, граѓаните сѐ уште очекуваат нешто, а од промените многу малку. И сега, ако и нешто можеше да се смени и каде што беа можни очекувањата, е изборниот модел, каде што и помалобројните заедници имаа големи очекувања. Ама, бадијала, кој ги прашува нив.
Повторно ќе имаме „лажни претставници“, за кои не е позната поддршката од базата. Со години, деценија и нешто повторно измислени „лидери“ ќе „трчаат“ и, како и да поминат изборите, со 30, 50, 100 или 10.000 гласа, ќе седнат во собраниското столче и ќе се оседлаат до следниот циклус. Зачудува ноншалантноста, површноста за толку важно прашање како што е политичкото претставување во законодавниот дом да биде сведено „на пазар“. Трговија во која ќе испливаат и ќе го застапуваат народот само оние што се вешти со овој занает.
Правилата се кројат како им одговара.
Без попис, без прочистен избирачки список, на истиот криминален и тендерски начин се одржува политичката елита. За сѐ можат да се договорат, дури и политичките противници, само не за изборниот модел и една изборна единица. Нели говори тоа за нешто.
Со последните шминки и измени прекројувања на изборните единици, измените во Изборниот законик, предложени од координаторите на пратеничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, општините Дебар и Маврово-Ростуше се селат од шестата во петтата изборна единица. Се потврдува колку луѓе избегале од земјава, се наметнува заклучокот дека се компензира за луѓето што недостигаат, кои заминале оттука.
Се прави политички, изборен и етнички инженеринг на два месеца пред избори.
И сега повторно пратеници по етнички клуч ќе станат тие што се на подобра позиција во одредена изборна единица под капата на големата македонска етничка партија СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Генерално, единствена препорака кај лидерот ќе биде само тоа што е добар трговец, а неговата сила реално нема да ја измери ни електоратот, ама интересно, ниту самата водечка партија, бидејќи нудењето, а пропо резултатот, никогаш нема да е проверлив, истестиран параметар.
Милутин Станчиќ
професор по книжевност