Од 49 маски годинава, 20 се од странство, односно ќе дојдат околу 650 карневалисти од: Италија, Словенија, Германија, Хрватска, Албанија, Бугарија, Србија, Црна Гора и околу 850 од неколку града во Македонија, вели Александар Цицимов, претседател на карневалскиот одбор
Една недела пред одржувањето на јубилејниот 30-ти Струмички карневал, струмичани веќе ја чувствуваат карневалската еуфорија.
– Горди сме на општината Струмица што успешно го одржува континуитетот на оваа долгогодишна традиција во нашиот град, кој буквално живее за карневалот. Несомнено тоа е најлудата ноќ во Струмица, сите се под маски, има многу гости од цела Македонија, а се повеќебројни се посетителите од странство. Од секаде одекнува музика, сите се насмеани, а лудите забави траат до утринските часови – велат гостољубивите струмичани.
А дека сѐ е подготвено за годинашното јубилејно издание на фестивалот, потврдува и Александар Цицимов, претседателот на карневалскиот одбор.
– Со Меѓународниот фестивал на афоризам и на карикатура почнаа случувањата поврзани со Струмичкиот карневал. Градот годинава малку порано беше украсен и владее вистинска карневалска атмосфера, а поставени се и паноата со плакати од сите досегашни карневали, бидејќи го одбележуваме неговото 30-то издание. Една локална манифестација, за овие три децении прерасна во „Ѕвезда под небото“, како што е наречена годинашната манифестација. Отпечатена е и монографија, со која се опфатени најважните моменти во овие изминати години и со која ќе покажеме дека растежот на Струмичкиот карневал не е случаен – вели Цицимов.
Тој најави и голем број странски гости.
– Како и секоја година, така и оваа се очекуваат спектакуларни маски. Од 49 маски годинава, 20 се од странство, односно ќе дојдат околу 650 карневалисти од: Италија, Словенија, Германија, Хрватска, Албанија, Бугарија, Србија, Црна Гора, и околу 850 од неколку града во Македонија. Во нашиот град имаме оформени здруженија, кои се стандардни учесници, а радува податокот дека кај нас маските не се повторуваат, секогаш има нови креации и дебитантски групи. Се вклучуваат и основните училишта, така што мислам дека за Струмичкиот карневал апсолутно има иднина – се надева Цицимов.
Инаку, централната манифестација, интернационалното карневалското дефиле на Струмичкиот фестивал ќе се одржи на 29 февруари, сабота, на градскиот плоштад „Гоце Делчев“. Претходно на маскенбалот во хотелот „Сириус“ ќе се изберат принцот и принцезата на карневалот.