Граѓаните избраа идеен проект за салата „Партизан“
Завршена е анкетата за избор на идеен проект за обнова на спортската сала „Наум Наумовски-Борче“, позната како „Партизан“, во Карпош 3. Во периодот од 8 до 18 февруари, преку веб-страницата www.karpos.gov.mk гласале 1.322 граѓани, а мнозинство гласови, вкупно 878, доби идејниот проект што е подготвен од архитектите Томас Ромеро Тали, Метју Сатори и Хавиер Ромеро.
Идејниот проект што беше подготвен од Ивона Крстеска, Марија Гелмановска, Ана Грковска и од Александар Кочовски доби поддршка од 444 граѓани.
– Двата идејни проекти беа подготвени на волонтерска основа од меѓународната невладина организација „Културно ехо“. И двата гарантираат задржување на автентичноста на објектот, но и додавање нова вредност на салата, мултифункционалност и приспособување на урбаниот контекст. Општината Карпош ќе го достави избраниот идеен проект до Агенцијата за млади и спорт, при што ќе следува подготовка на основен проект и реконструкција на салата – информираат од општината Карпош.
Во Кисела Вода поставени контејнери за електронски и електричен отпад
Во општината Кисела Вода се поставени контејнери за фрлање електричен и електронски отпад. Во согласност со потпишаниот меморандум за соработка меѓу општината Кисела Вода преку Одделението за животна средина и компанијата „Елколект“ ДОО, контејнерите се поставени на четири локации.
– Едната е кај маркетот „Кам“ во населбата Драчево и во Црниче, потоа во УЗ Кисела Вода кај месноста Мечкаров, кај детското игралиште спроти автобуската станица и во УЗ Цветан Димов кај трансформаторот – информираат од општината Кисела Вода.
Во согласност со меморандумот, во основните училишта на оваа територија, како и во објектот на општината, се доставени канти за фрлање електричен отпад.