Еден ден или една ноќ, сеедно, по успешно завршената работа, моливот Дренко и гумата Гуменка се нашле на едно место помеко и од тесто. Се нашле и тука оставени – од секого заборавени, почнале да зборуваат – од здодевноста да се ослободуваат.
МОЛИВОТ: Јас сум молив – алатка за пишување!
ГУМАТА: Јас сум гума – алатка за бришење!
МОЛИВОТ: Кога пишувам по цели тетратки испишувам и не се уморувам!
ГУМАТА: И јас кога бришам, безброј погрешни пишанки избришувам и не се уморувам!
МОЛИВОТ: Дека не се уморуваш тоа е точно… Но знаеш ли зошто?
ГУМАТА: Знам, но не ти кажувам!

МОЛИВОТ: Не кажувај ми, но јас знам… Не се уморуваш, зашто бришењето на погрешно напишани бројки, зборови и реченици е најлесна и наједноставна работа. Од неа полесна нема…
ГУМАТА: Зборуваш така, зашто не си запознаен со тоа што го работам. Да си запознаен добро и како што треба, нема толку навредливо да зборуваш! Нема, зашто бришењето на погрешно напишани бројки, букви и реченици е една од најодговорните работи, за чие успешно бришење и коригирање се потребни знаење, умешност, природна дарба и талент!
МОЛИВОТ: Не фали се, не пали се, не прави се смешна! Да е така, како што зборуваш, досега бар еднаш ќе се умореше, ќе офнеше, ќе се поплачеше. А ти?
ГУМАТА: А јас, како што гледаш, ни офкам, ни уфкам, ниту се плачам од тоа што го работам… Знаеш ли зошто?

МОЛИВОТ: Не знам!
ГУМАТА: Не се уморувам, затоа што тоа што го работам, го работам совесно, посветено, со голема волја и со најискрени желби да им помогнам на другите. А во тие, другите, си и ти и децата – ученици, што работат со тебе и со мене и што се грижат за нас…
МОЛИВОТ: Е, ова е нешто друго. Сега знам и зошто не се уморуваш… Затоа ли и јас не се уморувам?
ГУМАТА: Затоа, се разбира! Ти си молив што пишува со срцето. А срцето како што знаеш, е куќа на љубовта…
МОЛИВОТ: На која љубов?
ГУМАТА: На љубовта што создава, што пресоздава, што мотивира, што поттикнува, што зближува и усреќува…
МОЛИВОТ: Не знаев дека љубовта е толку моќна и семоќна, дека е толку волшебна и толку необична…

ГУМАТА: Не знаев ни јас, но сфатив и научив и сега ми е полесно, се чувствувам посреќно и побогато!
МОЛИВОТ: Ти заблазувам што така убаво се чувствуваш!
ГУМАТА: Така се чувствувам, мој Дрвенко, зашто љубовта е најблагородното, најубавото, највозвишеното и најуниверзалното чувство што нѐ упатува еден кон друг, едни кон други и што нѐ прави поблиски, посилни и похрабри…
МОЛИВОТ: Умна си, слаткодумна си, ја кажуваш вистината… Затоа повеќе нема да те навредувам!
ГУМАТА: И не треба!