Дејан Пројковски во регионот е познат по тоа што работел големи спектакли, како што се „Ана Каренина“ во Нови Сад и „Браќа Карамазови“ во Софија, така што очекуваме дека и од оваа претстава на посебен начин ќе направи вистинско уметничко дело, вели уметничкиот директор на театарот Владимир Ѓорѓевиќ
Македонскиот режисер Дејан Пројковски во Народниот театар на Република Српска во Бања Лука ја подготвува новата претстава „Дервишот и смртта“, по познатиот роман на Меша Селимовиќ, која премиерно треба да биде изведена во втората половина на март. Уметничкиот директор на театарот Владимир Ѓорѓевиќ, во изјавa за тамошнaта агенција „Срна“, посочува дека екипата што ја работи претставата ќе се обиде на вистински начин на театарските штици да го оживее големото дело на Селимовиќ.
– Работиме класична претстава според делото што се изучува и како лектира во училиштата, што ни претставува голем предизвик. Дејан Пројковски во регионот е познат по тоа што работел големи спектакли, како што се „Ана Каренина“ во Нови Сад и „Браќа Карамазови“ во Софија, така што очекуваме дека и од оваа претстава на посебен начин ќе направи вистинско уметничко дело – вели Ѓорѓевиќ, изразувајќи задоволство што претставата ќе ја режира Пројковски и истакнувајќи дека овој режисер е познат по богатото искуство со работа на претстави по дела на светски книжевни великани.
Главната улога во претставата му е доверена на актерот Златан Видовиќ, а освен него ќе играат и Бојан Колопиќ, Ања Илиќ, Жељко Еркиќ, Љубиша Савановиќ, Ѓорѓе Марковиќ, Мирослав Синкиќ, Борис Шавија и Рок Радиша. Директорот Владимир Ѓорѓевиќ најавува дека „Дервишот и смртта“ ќе биде новитет на репертоарот на Народниот театар на Република Српска, а смета дека оваа претстава од другите ќе се издвојува по костимите и сценографијата, но и по други сегменти.
– Ова е исклучителна можност за домашните актери да го покажат својот талент во ново светло – истакнал меѓу другото Ѓорѓевиќ.