Првата главна улога Пит ја добива во 1988 година во југословенскиот филм „Темната страна на сонцето“, каде што глуми син на Милена Дравиќ. За жал, војната го прекинува снимањето на последните сцени, па филмот е објавен дури во 1997 година

По повеќе од 30 години актерска кариера, Бред Пит конечно го доби првиот „оскар“. Холивудскиот убавец е награден со оваа престижна награда за споредна машка улога во филмот на Квентин Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“.
Својот говор, по добивањето на признанието, тој им го посвети на своите колеги од светот на филмот, но прво го спомена омилениот режисер.
– За сѐ е заслужен Тарантино. Ти си оригинален, филмската индустрија не би била иста без тебе. Ти си и најдобар и најлош во исто време, но сепак си врвен – изјави Бред Пит заблагодарувајќи се за златната статуетка на која чекаше повеќе од три децении.
Потоа тој го спомена и својот директен партнер во филмот Леонардо ди Каприо.
– Лео ти си фантастичен, како и остатокот од филмската екипа. Мислам дека е време конечно да им се заблагодариме и на каскадерите – додаде тој.

Но не ја изостави ниту политиката, па најпрво асоцираше на Сенатот и на неуспешниот импичмент на претседателот Трамп.
– Ми рекоа дека имам само 45 секунди за говор, што е повеќе отколку што доби сенаторот Џон Болтон – рече Пит и доби аплауз од присутните, но не беа баш сите задоволни со она што го кажа.
На крајот тој рече дека „оскарот“ им го посветува на своите деца.
– За нив го правам ова – заврши Бред.
Славниот холивудски глумец неколкупати досега бил номиниран за „оскар“. Во 1985 г. за споредна улога во „Дванаесет мајмуни“, во 2008 г. за најдобар глумец за филмот „Необичниот случај на Бенџамин Батон“ и во 2012 година за најдобар актер во „Манибол“. Сепак, Пит во 2014 година освои „оскар“ за најдобар филм, како еден од продуцентите на „Дванаесет години ропство“.
Нема љубител на филмската уметност во светот што не гледал барем еден филм во кој се појавува Бред Пит. Во Холивуд, освен за извонреден глумец тој важи и за голем шармер, но и за заводник, кому му успеа да ги „смири“ најубавите актерки на денешнината, најпрво Џенифер Анистон, а подоцна и Анџелина Џоли, од која неодамна се разведе. Заедно имаат шест деца.

Кога почна да ги постигнува првите успеси го нарекоа златното момче на Холивуд. Иако првите филмови во кои глумеше не постигнаа некој поголем успех, тој не остана незабележан, напротив, а патем почна со голема брзина да ги менува партнерките.
Бред Пит е роден на 18 декември 1963 година во Шани, Оклахома во јужнобаптистичко семејство. Вистинското име му е Вилијам Бредли Пит. Има уште двајца браќа Даг и Џул Нил. Семејството набргу по неговото раѓање се сели во Спрингфилд, каде што живеат и денес неговите родители и браќа.

По завршеното основно образование, Пит се запишува во средното училиште „Кискапо“, каде што бил активен член на спортските и музички секции. Во 1982 г. се запишува на Универзитетот во Мисури, Колумбија, отсек новинарство со фокус на маркетингот. Иако добро му одело, две недели пред да дипломира се откажал и се преселил во Лос Анџелес каде што работел сешто, а паралелно се запишал на часови по глума кај познатиот Рој Лондон, за да го исполни својот најголем сон и да стане познат актер. По шест години усовршување и вежбање, се појавува во ТВ-серии, по што ги добива првите филмски улоги во филмовите: „Ничија земја“ и „Помалку од нула“. Првата главна улога ја добива во 1988 година во југословенскиот филм „Темната страна на сонцето“, каде што глуми син на Милена Дравиќ. За жал, војната го прекинува снимањето на последните сцени, па филмот е објавен дури 1997 година. Популарност на Бред Пит му донесе улогата во филмот на Ридли Скот „Телма и Луис“ и оттогаш тој важи за секс-симбол во Холивуд.

Првата поважна филмска награда што ја освои е „златен глобус“ во 1995 г. за „Дванаесет мајмуни“. Со текот на времето тој реши да се обиде и како продуцент, првиот филм што го продуцира е „Покојни“, а од 2012 г. посериозно ѝ се посветува на продукцијата, запоставувајќи ја својата актерска кариера, до последниот филм „Беше еднаш во Холивуд“, што му ја донесе и првата златна статуетка за глума.


Интересни факти за златното момче на Холивуд

– Висок е 180 сантиметри.

– Читателите на списанието „Компани“ во 2010 г. го прогласија за најсексапилен маж на планетата, а првпат го доби ова признание во 1995 година.
– Поради контроверзната улога во филмот „Седум години на Тибет“, на Пит му е забранет влез во Кина.

– Омилен филм му е „Треска на саботната вечер“.
– Како тинејџер Бред долго имал проблеми со мозолчињата. Откако почнал да се појавува на филм, лузните ги отстранил со посебен козметички третман – дермоабразија.