Во едно од најстарите скопски маала Дебар Маало, осумнаесетти пат ќе се одржат „Дебармаалски серенади 2020“ посветени на виното и љубовта, по повод Св. Трифун и Св. Валентин.
Настанот е во организација на Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“, каде што претседател и организатор е Живко Поповски Цветин.
Манифестацијата ќе трае два дена, на 13 и 14 февруари, а ќе почне со кршење на дебармаалска погача, а ќе продолжи со серенади по улицата „Костурски херои“ и поливање со вода, цвеќиња, бонбони и паричка. Потоа серенадите ќе продолжат по улицата „Дебарца“ кон кафеаната „Антица“, каде ќе се пее и ќе наздравува со бело и црвено вино.
Во кафеаната „Идадија М“ ќе има изложба „Цвеќе на љубовта“, каде ќе се служи греана ракија.
Серенадите продолжуваат во кафеаните „Скопски мерак“ и „Дебармаало“ каде покрај серенади и поезија ќе се одржи и „Беседа за виното и љубовта“.
Завршниот дел е во слаткарницата „Апче“ каде со серенади и поезија ќе се засладуваат со торта и боза учесниците на „Дебармаалските серенади“.
Следниот ден ќе се закројува лоза и во водите на Вардар ќе се пушти порака за мир и љубов. А потоа ќе следи музички дел на кој ќе настапат: „Велешки чалгии“, Милка Ефтимова, Виолета Томовска, Горан Алачки, Љупчо Ангелов, Верица Ристевска, Драган Мијалковски, Ристо Краповски, Атина Апостолова, Круме Спасовски, Вики Среброва, хорот „Серенада“, Валентина Ѓоргиевска – Парго, Моника Стојанова, Тања Стоилковска, Драгица Пандиловска, Илко Димитриевски, Лидија Јеремиќ – Лучко, Горан Анчевски, Јовче Петковски и Емил Чинго.