Битола, откако јавното осветлување во градот му го препушти на јавното претријатие „Комуналец“, со поставувањето на штедливи светилки оствари големи заштеди. 

Од досега поставените ЛЕД светилки Битола има заштеда од 31 илјада евра, а до крајот на месец мај, заштедата би била до 64 илјади евра, изјави денеска градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

– Со вакво осветлување веќе извршивме замена во населбата Стрелиште, а во моментов имаме работни активности кај зградите во Ремо. Покрај тоа што веќе решивме дел од булеварските решенија, веќе покажуваме дека шириме со краците онаму каде што имаме поголема фреквенција на население, што значи дека со една таква динамика ќе продолжиме во наредниот период, за да влеземе буквално во секоја улца со штедливо осветлување. Она што сакам да го кажам во оваа прилика е дека од досега поставеното осветлување, имаме заштеда од 31.000 евра, со она што го планираме заклучно со месец мај, вкупната заштеда само на тие работни активности ќе биде до 64.000 евра – изјави градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.

Со поставувањето на ЛЕД светилки покрај естетскиот дел се добива и во делот на осветленоста и во делот на безбедноста на граѓаните, рече директорот на ЈП Комуналец Богоевски.

– Луксовите што ги зрачат сијалиците во помалите населби, двојно е зголемена осветленоста од три на повеќе од седум лукса, а додека на големите, булеварските сијалици, осветлувањето ако било околу 10 луксови сега е од 50-70 лукса. Само во период од Нова година до сега, во овие два месеци, заедно со следните три се планираат да се инвестираат околу 200.000 илјади евра и повеќе во уличното осветлување кое пак нас ни носи заштеди, кои ќе можиме многу домаќински да ги искористиме и во останати делови на градот. Во наредниот период ја чекаме испораката на нови 500 парчиња булеварско осветлување, а со тоа би го затвориле потегот Партизанска – Иво Лола Рибар (поранешна) – 4 ноември, Прилепска, но и ќе влеземе во центарот на градот, односно поранешна Борис Кидрич – Столарска – Солунска дел, така да ние продолжуваме со инвестицијата, со работата, со грижата за подобро осветлување на улиците, во корист на граѓаните – изјави Панде Богоевски, директор на ЈП Комуналец.

М.М.