Целта на Шкотска е до крајот на 2020 година потребите од електрична енергија за населението и за индустријата целосно да се задоволуваат исклучиво од чисти енергетски извори. Од тие причини, државата сите електроцентрали на јаглен ги згасна уште во 2016 година, по 115 години експлоатација на овој енергент за производство на струја.
Четвртина од шкотските домови во минатото се снабдувале со електрична енергија добиена токму од јагленот. Во меѓувреме, капацитетите беа заменети со енергијата на ветер и гас. Мотивите за транзицијата кон чиста енергија беа и од економска природа.
Имено, поради зголемените трошоци и поскапувањето на таксите за емисија на јаглерод, продолжувањето со работа на електроцентралите на јаглен стана финансиски неодржливо. Едно од иновативните технолошки решенија што ги имплементира Шкотска за да ги оствари своите цели за зелена енергија е и првата пловечка ветерна електроцентрала на светот „Хајвинд“, со сила од 30 мегавати.
Проектот во јуни минатата година е проширен со систем од батерии со капацитет од 1 мегават.
„Беатрис“, ветерната електроцентрала на море, која е најголемиот шкотски обновлив електропроизводител, може да генерира доволно енергија за напојување на 450.000 домаќинства. Шкотска е нешто како земја пионер кога станува збор за ветерна енергија, со фарми што уште од декември 2018 година имаат капацитет од 8.423 мегавати. Поради овие причини, нивниот план за целосно добивање на потребните количества електрична енергија од обновливи извори изгледа навистина достижен.