Министерката за култура во новата руска влада, Олга Љубимова, предизвика низа негодувања во јавноста по нејзиното поставување на функцијата.
Причината за тоа се нејзините стари изјави дадени за културата, кои во јавноста ги објави Илја Шуманов од „Транспаренси интернешнл“. На Твитер, тој ги сподели ставовите на Љубимова од 2008 година во кои таа вели: „Едноставно не можам да издржам да одам на изложби, музеи и опери“.
Во блогот објавен на платформата „Лајф журнал“, таа изјавила дека не сака класична музика или балет, додавајќи дека била во Париз, но не и во „Лувр“, а посетите на Британскиот музеј, Национална галерија, и неколку познати европски и руски музеи ги окарактеризирала како губење време.
Кога беа објавени вестите за контроверзните натписи, тие веднаш беа избришани, а Љубимова сè уште не искоментирала ништо на таа тема.
Коментирајќи ги објавите на „Лајф журнал“, Шуманов на социјалните мрежи напиша: „Можете да ставите таква личност на која било работа, освен во првите редови на руската културна политика“.