Овој текст конкурираше на 48-от меѓународен конкурс за состав напишан од млади литерати на Светскиот поштенски сојуз за 2019 година, во Берн, Швајцарија, на темата „Напиши писмо до твојот херој“, и според оцената на жирито, влезе во најтесниот избор за наградите на „Македонска пошта“

Драг мој хероју,

Веќе долго време собирам храброст да ви го напишам ова писмо. Размислувам и ги барам зборовите со кои најубаво би можела да ги искажам мојата почит и благодарност кон вас. Но секогаш кога размислувам за писмово, храброста полека исчезнува. Стравот дека ќе згрешам, дека ќе испуштам нешто, не ми дозволува да земам пенкало и лист хартија и да почнам да пишувам. А сега сфатив дека моево писмо никогаш нема да биде совршено. Сфатив дека нема од што да се плашам и затоа седнав и почнав да пишувам…

Вие, драг мој хероју, мене и на многу други деца и млади, а и возрасни, ни влијаевте на индиректен начин. Индиректно и скриено зад секој ваш напишан збор, со секоја ваша мисла, со секој лик, со секоја ваша приказна,скриено како играта „криенка“. А со секоја страница полека но сигурно откривавте дел по дел од вас, од вашите чувства. Со секоја страница од секоја ваша книга дававте нов знак за тоа каде сте, каде се криете и како успевате да ги разлевате чувствата што допираат до сите ваши млади читатели.
Вие станавте мој херој пред неколку години. Моите родители уште од мала возраст ме учеа да ја сакам книгата, ме насочуваа кон магијата на литературата и пишувањето. Поради тоа, од моментот кога почнав да читам, ги обожавав училишните лектири, но сакав и да разгледувам низ рафтовите во книжарниците, по полиците во мојот дом. Но со читањето на вашата книга во петто одделение, мојот поглед кон книгите целосно се смени. Сѐ се промени кога од моите родители како подарок го добив вашиот роман „Споменка“.

Низ страниците од оваа книга совршено беа опишани првите симпатии, првата љубов, детските чувства, детските размислувања. Преку вашите зборови полека се запознав со девојчето Споменка, кое заедно со момчето Бојан е синоним за првата љубов. Исто така читав за натпреварот на двете дружини „Соколи“ и „Црни стрели“, за нивните кавги и меѓусебни натпреварувања, кои успеваа да создадат дури и верни пријателства.
Оваа ваша книга беше првата што ја прочитав во еден здив и не можев да ја оставам ни за миг. Додека ја читав, ништо не можеше да ми го оттргне вниманието од вашата приказна.
Поради сето ова, романот „Споменка“ беше мојот клуч што ми ја отвори големата златна порта во светот на книгата. Портата низ која не можат да поминат сите. Магичен свет каде што секоја улица е дизајнирана од посебен автор, во кој живеат необични, интересни ликови, свет каде што се случуваат секојдневни, фантастични случки.

Патував низ многу солзи и насмевки, низ разни ситуации со различни ликови, до финалната дестинација на среќниот крај. Патував и низ страниците на другите две книги за Споменка и Бојан, доживувајќи разни авантури и случки. Имам прочитано и многу други ваши книги, мој драг хероју.
На крајот, се надевам дека ова мое писмо ќе стигне до вас и ќе ве мотивира уште повеќе да творите, да создавате нови дела, нови ликови и нови приказни во кои ќе се пронајде некое друго дете и во кои ќе ужива и ќе им се одушевува како мене.
Ви благодарам, мој хероју, што ја разбудивте во мене љубовта кон книгата, љубов која, каде и да одам, ќе ме следи засекогаш. Љубов што постојано расте и ќе продолжи да биде мојот најверен сопатник.

Со почит,
Ива Танчевска,
9-2 одделение,
ООУ „Гоце Делчев“,
Гостивар