Кристин Синклер

На мечот Канада – Сент Китс и Невис (11-0), во квалификациите за настап на олимпискиот фудбалски турнир во Токио, таа даде два гола и стигна до бројката од рекордни 185 погодока на 290-от меч

Кристин Синклер постигна два гола на фудбалскиот меч Канада – Сент Китс и Невис (11-0) на квалификацискиот КОНКАКАФ-турнир за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, со што стана рекордерка според бројот на постигнати репрезентативни погодоци, 185! Со тоа Синклер, која по 290-ти пат настапи во дресот на Канада, ја мина Американката Еби Вамбак, која беше рекордерка со 184 гола. Кај мажите, рекордер со 109 гола на 149 меѓународни настапи е Иранецот Али Даeи.
Синклер, која беше заменета во 47 минута, дебитира за Канада во 2000-та, на 16-годишна возраст. Сега, на 36 години, таа игра за Портланд торнс во Националната женска фудбалска лига на САД.

– Дефинитивно чувствувам олеснување, но на турнирот во кој сме во моментов имаме и други работи на кои треба да се фокусираме. Убаво е што победивме на воведниот натпревар, сега треба продолжиме така и да сe квалификуваме за олимпискиот турнир – изјави Синклер по мечот, која ја предводеше Канада до освојување два бронзени медала на ЛОИ 2012 и 2016, во Лондон и во Рио. Честитки до Синклер преку Инстаграм испрати Вамбак.

– Вечерва го прославувам соборувањето на рекордот. Тоа наследство на нашата прекрасна игра ѝ припаѓа на големата Кристин Синклер, рекордерката со најмногу интернационални голови, во машка и во женска конкуренција. Кристин, историјата е направена. Твојот успех е и наш триумф. Ние славиме со тебе – напиша Вамбак.
Канадскиот премиер Џастин Трудо ѝ го честита успехот на Синклер преку Твитер. „Таа го стори тоа! Кристин Синклер сега е водечки стрелец во репрезентативниот фудбал. Честитки! “

На честитките им се придружи и првиот човек на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), Џани Инфантино.

– Ова достигнување е награда за вашата извонредна 20-годишна кариера на највисоко ниво, што можеше да се постигне само благодарение на вашата огромна посветеност, мотивација, напорна работа и неверојатна страст за нашата прекрасна игра. Вашите човечки квалитети и вештини, да не го спомнувам вашиот извонреден придонес за популаризацијата на женскиот фудбал, заслужуваат восхит – напиша Инфантино.
Подвигот на Синклер, меѓу другите, го поздравија поранешната НБА-ѕвезда, нејзиниот сонародник Стив Неш, тениската легенда, Американката Били Џин Кинг и многу други. 


САД на Андоновски се на чекор до пласман на ЛОИ

Во олимписките женски квалификации, КОНКАКАФ, во групата 1, во Хјустон (Тексас) играат САД, Костарика, Хаити и Панама. Во првото коло САД, чиј селектор е Македонецот Влатко Андоновски, го совлада Хаити со 4-0, а потоа и Панама.
Во групата Б, во Единбург (Тексас), во првото коло се сретнаа Канада – Сент Китс и Невис, 11-0, и Мексико – Јамајка, 1-0.
Двете првопласирани репрезентации од двете групи, следната недела (7 и 9 февруари), во Карсон (Калифорнија), ќе разигруваат за двете места на олимпискиoт турнир.