Берлинскиот филмски фестивал објави дека повеќе нема да постои наградата „сребрена мечка Алфред Бауер“, именувана по првиот директор на фестивалот по основањето, откако неделава беше откриено дека Бауер има длабоко нацистичко минато. Имено, весникот „Ди цајт“ објави дека Бауер бил „високорангиран функционер во нацистичката филмска бирократија“ и имал значајна позиција за време на нацистичката ера. Тој бил и активно вклучен во пропагандната организација на Јозеф Гебелс.
– Веднаш ќе ја суспендираме наградата „сребрена мечка Алфред Бауер“ – рекоа организаторите на „Берлинале“.
Контроверзното минато на Бауер е разоткриено во текстот во „Ди цајт“, во кој се вели дека тој бил член на Нацистичката партија и на предвоената паравоена организација СА, но и бил клучен дел од телото за контрола на филмската индустрија, востановено во 1942 година од Министерството за пропаганда. По војната, Бауер бил именуван за прв директор на „Берлинале“ во 1951 година, останувајќи на оваа функција до пензионирањето во 1976-та. Тимот на „Ди цајт“ се повикал на документи од Националниот архив и од градскиот архив на Берлин, во кои се вели дека Бауер шпионирал актери, режисери и други членови на филмската индустрија. Се верува дека тој по војната систематски ги уништил сите траги на своето нацистичко минато.
Ова срамно откритие следува во пресрет на 70-то издание на „Берлинале“, чија награда „сребрена мечка“ е именувана во чест на Бауер по неговата смрт во 1986 година.