Одличната игра на централниот бек Домагој Дувњак на хрватската ракометна репрезентација му го донесе признанието најкорисен играч (МВП) на Европското првенство што се одигра во Австрија, Норвешка и во Шведска. Капитенот на селекцијата на Лино Червар беше диригент и прв дефанзивец во челичната одбрана на Хрватска и човек на одлука во клучните моменти од натпреварите на ЕП.

За Дувњак ова е прва ваква награда на големите натпреварувања. Тој претходно во три наврати беше дел од идеалните седморки на светските првенства, во 2013 и во 2017 година, и на ЕП 2014. Во 2013 година од Светската ракометна федерација (ИХФ) Дувњак беше избран за нјдобар светски играч.

Идеалната постава на ЕП 2020 година ја сочинуваат двајца Шпанци, голманот Гонзало Перез де Варгаз и десниот бек Хорхе Македа, потоа двајца Норвежани, левото крило Магнус Јондал и левиот бек Сандер Сагосен, хрватскиот организатор на игра Игор Карачиќ, словенечкото десно крило Блаж Јанц и унгарскиот пикер Бенче Банхиди. За најдобар дефанзивец е прогласен германскиот пикер Хенрик Пекелер, а најдобар стрелец и нов рекордер со 65 постигнати гола е Сагосен. 


Најдобар тим на ЕП 2020

Голман Гонзало Перез де Варгаз (Шпанија)
Лево крило Магнус Јондал (Норвешка)
Лев бек Сандер Сагосен (Норвешка)
Централен бек Игор Карачиќ (Хрватска)
Десен бек Хорхе Македа (Шпанија)
Десно крило Блаж Јанц (Словенија)
Пикер Бенче Банхиди (Унгарија)
Најдобар дефанзивец Хенрик Пекелер (Германија)
Најдобар стрелец Сандер Сагосен (Хорвешка)
МВП Домагој Дувњак (Хрватска)