По донесувањето на законот за субвенционирање на придонесите во случај на покачување на платите и покачување на минималната плата, работите во текстилниот сектор се стабилизираат, изјави вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, при посетата на текстилната компанија „Албатрос“ во Штип.
– Оваа Влада не прави ниту еден чекор којшто е надвор од консултации или насилен чекор којшто ќе значи наметнување на одредени политики, или за работниците или за работодавачите. Токму низ тој социјален дијалог покажавме дека ја донесовме минималната плата, којашто денес е 14.500 денари и којашто е во насока на подобрување на квалитетот на живот на работниците, никако на товар и со притисок на работодавачите туку напротив паралелно донесовме една политика на субвенционирање на придонесите на платите и нивното растење до 6000 денари, да може во суштина да ги намалиме притисокот и за растот на другите плати над минималната плата. И видовме дека таа искористеност е одлична или дека минатиот месец исплативме повеќе од 45,000 вработени коишто добија зголемување на плата. Со ваков тип на дијалог навистина обезбедуваме да компаниите растат, но притоа на сметка на тоа да растат и платите на работниците и да можеме економијата и развојот и динамиката во нашата држава да биде се позасилена и подобра – нагласи вицепремиерката Царовска.
Премиерот Оливер Спасовски, пак, кажа дека во изминативе две и пол години се почнати многу важни процеси и дека Владата ќе продолжим и понатаму да ѝ помага на економијата, на работодавачите, да ги отстрани пречките во развојот на бизнисите, а од друга страна, да ги заштити работниците и работничките права.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, исто така, потврди дека владините субвенции и сите оние мерки кои придонесуваат за унапредување на стандардот во нашата држава ги даваат своите резултати.
– Покрај зголемувањето на минималната плата исто така може да кажеме и за успешност на мерката за субвенционирање на придонесите за повисоки плати. Доказ за успешните политики што ги спроведува и ќе ги спроведува Владата на Република Северна Македонија е тоа што сакаме да изградиме и градиме континуирано партнерски однос меѓу институциите, меѓу Владата и бизнис заедницата. Со унапредување на економските мерки ќе имаме и повисок стандард за работниците, задоволни работодавачи и исто така успешна и економски стабилна држава во којашто живееме сите – рече Лукаревска.
Претставничката на работниците, Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“, ја истакна гордоста што пред три и пол години со сега сегашната вицепремиерка Царовска, се зборувало за нормиран учинок од кој зависеше тогашната минималната плата од 9000 денари, а сега веќе минималната плата достигна 14.500 денари и работодавачите не смеат да исплатат пониска плата.