ПО ИЗЈАВАТА ДЕКА МУ БИЛО ПОНУДЕНО, НО ОДБИЛ ПОДЕЛБА НА МАКЕДОНИЈА
Ваквата изјава на лидерот на ДУИ предизвика загриженост, но и вчудовиденост кај јавноста од „важноста“ што си ја придава Ахмети, сметајќи се за некаков фактор во државата. Притоа, Ахмети веројатно прво треба да се запраша себеси пред огледало кој е тој да ја дели Македонија
Лидерот на најголемата албанска политичка партија ДУИ, Али Ахмети, деновиве во телевизиско обраќање изнесе чудна констатација дека нему му била понудена поделба на Македонија врз етнички линии, но тој ја одбил таквата понуда, бидејќи била штетна.
– Секоја поделба на оваа земја ќе биде штетна, многу штетна за Албанците, но и за Македонците. Оти не може да се поделат работите како со нож. Ќе имаше малцинства и таму и ваму. Ќе се отвореа нови рани. Ние не прифативме поделба на Македонија. Јас сум им кажал и на македонските политичари дека оваа држава е моја колку што е и нивна. Сакам да ги имаме нашите симболи и јазик. Ние ги постигнавме овие цели. Имаме универзитет, јазик во Собрание и институции и наши симболи – истакна Ахмети.
Во интервјуто, Ахмети вели дека понудата за поделба му ја нуделе високи функционери, но не напоменува кои се тие и кога се случил настанот.
Претходно, во 2014 година, Ахмети во слично интервју за албанската телевизија Клан тврдеше дека поделбата на Македонија му ја нудел и поранешниот македонски премиер Љупчо Георгиевски.
Во меѓувреме, ваквата изјава на лидерот на ДУИ предизвика загриженост, но и вчудовиденост кај јавноста од „важноста“ што си ја придава Ахмети, сметајќи се за некаков фактор што, ете, може да одлучува за поделба на државата. Притоа Ахмети веројатно прво треба да се запраша себеси пред огледало кој е тој да ја дели Македонија. Но и овој пат само се покажува дека дрскоста на лидерот на ДУИ нема граници.
Во контекст на актуелните случувања, „Нова Македонија“ побара мислење од најголемите партии во земјата каков е ставот на политичките аналитичари во однос на ваквата реторика на Ахмети. Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, вели дека Али Ахмети вакви и слични изјави дава долги години наназад, а сето тоа најчесто се поврзува со случувањата од конфликтот во 2001 години. Според Зекири, овој тип изјави Ахмети ги говори бидејќи кај него има недостиг од идеи за промовирање реални и вистински политики што ги засегаат луѓето и ги решаваат нивните проблеми.
– Токму затоа политичарите од овој тип дејствуваат на овој начин, бидејќи на терен тие не знаат поинаку да играат. Ваквата реторика веќе добро ја препознава народот и тој на крајот ќе си го каже своето на изборите. Претходно на ДУИ еднаш веќе му се случи изборен пораз со намалување од 50 проценти на нивните гласови, а верувам дека истото тоа ќе му се случи и сега, без исклучок, на следните избори. Ваква тенденција на намалување на гласови ќе има кај сите политичари, и албански и македонски, што промовираат вакви штетни идеи – изјави Зекири.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, изјавата на Ахмети ја коментира со фактот дека за неговата партија Република Македонија е, ќе биде и ќе остане унитарна држава, а со тоа и истовремено и унитарниот карактер, кој е загарантиран со Уставот на државата, никогаш не може да биде доведен во прашање, по никаква основа.
Во меѓувреме, стручната јавност со која се консултиравме во сублимиран заклучок вели дека Али Ахмети на себе си го придодал прекарот дека тој е политички владетел на сите албански партии и дека е човек што говори во името на сите Албанци во Македонија. Според нив, Ахмети на овој начин, пропагирајќи национализам и заговарајќи поделба на државата, собира гласачи, а сето тоа е во недостиг од вистински политики, кои би одговарале на профилот на модерен политичар во земјата.
Политичкиот аналитичар Александар Пандов вели дека за него е трагично и жално што во денешницава сѐ уште постојат одредени политичари како Ахмети, што инаку е тренд кај сите албански политички претставници, кои промовираат национализам и поделба на државата во недостиг од други политички идеи како да се унапредат македонската економија, здравство и образование, поради што, за жал, огромен број наши сонародници Албанци се иселуваат од Македонија постојано.
– На сиромашни луѓе лесно е да им се продаде национализам, а за жал очигледно на терен изгледа има многу гласачи што, наместо прогрес, поддржуваат вакви штетни политики – вели Пандов.
Универзитетскиот професор Јове Кекеновски, пак, вели дека за работите за кои сега и во минатото говори Ахмети и положбата во која тој се поставува како владетел во државата се виновни лидерите на најголемите македонски партии. Имено, според Кекеновски, борбата за превласт меѓу македонските партии создала клима што ја злоупотребува Ахмети.
– Оваа состојба придонесе во земјава да владее бицефална извршна власт, односно да има македонски премиер и албански во сенка, кој е Ахмети – објаснува Кекеновски.
Тој вели дека лидерите на македонските партии се виновни за овие состојби и тие треба да дејствуваат да се спречи ваквото т.н. вазалско однесување на Ахмети.
– Она што е жално во овој момент е што Ахмети и натаму продолжува да дејствува на овој начин, бидејќи најверојатно и актуелните македонски политичари од најмоќните партии во земјата, како нивните претходници, му нудат вакви национално штетни предлози и антипатриотски понуди – вели Кекеновски.