Ова што го карактеризира врвниот фудбал во моментов е тоа дека целиот тим се движи толку брзо и автоматски што некои ситуации треба да погледнете неколкупати на повторена снимка за да сфатите што се случило

Веднаш по преземањето на менаџерската функција во Ливерпул, во октомври 2015-та, Јирген Клоп сфати дека неговиот фудбал ќе мора да стане многу поизбалансиран од крајно напаѓачкиот пристап во играта што беше многу успешен во Борусија Дортмунд. Клоп знаеше дека ќе му треба поголема контрола на случувањата на теренот.

Недалеку од Ливерпул, пак, во Манчестер (сити), иако во голема мера под влијание на времето минато во Баерн, Пеп Гвардиола дојде до спротивен заклучок. Тој сфати дека неговата игра базирана врз контрола на топката треба да биде дополнета со поголема директност и со „похаотичен набој“ во нападот.

Комбинираниот ефект од овие две тренерски филозофии и пристапи што ја обележија минатата декада доведе до тоа нивните дуели да претставуваат врв на фудбалската игра во моментов, се наведува во статијата на весникот „Индепендент“. Дуелите Сити – Ливерпул го надминаа шпанскиот „ел класико“, Барселона – Реал, до скоро најквалитетниот натпревар во светскиот клупски фудбал, и станаа натпревари на кои може да се видат најновите тактички иновации, и тоа во крајно френетично темпо, често збунувачко за гледачите. Сето тоа е резултат на тоа што во минатата декада фудбалот во доменот на тактиката се развиваше побрзо од кога било порано.

Во периодот 2008-2011, Барселона дејствуваше речиси нестварно со Гвардиола како тренер. Повторното воведување на пресингот и на поседот на топка го промени комплетното размислување за играта, а почна да ги трансформира тренерите и начинот на нивната работа.
Сето тоа придонесе повеќе да се работи на техниката и доведе до поголемо значење на „гегенпресингот“ или „контрапресинг“ во буквален превод од германски. Тренерите од развивањето обрасци за работа со топката минаа на осмислување пресинг-модели без топка, а транзицијата, брзината при повторното освојување на топката, потоа и развивањето на нападот станаа клучни. Ова доведе и до други промени, како што е на пример улогата на голманите. Тие сега додаваат и проигруваат топки како што го прават тоа нивните соиграчи од средината на теренот, а крилните напаѓачи станаа најефикасни играчи во тимот.

Ова што го карактеризира врвниот фудбал во моментов е тоа дека целиот тим се движи толку брзо и автоматски што некои ситуации треба да се погледнат неколкупати на повторена снимка за да се сфати што се случило. Фудбалската игра е поколективна од кога било порано, иако играчите уште се проценуваат и се вреднуваат индивидуално.
За да се разбере подобро еволуцијата на фудбалот во најквалитетната лига во светот, англиската Премиер-лига, се посочуваат неколку споредби. Во текот на последните десет години, бројот на додавања е зголемен за повеќе од 25 проценти. Во сезоната 2007/2008 екипите ја додаваа топката во просек 358 пати по натпревар, а во 2017/2018 просекот беше 453, речиси 100 додавања повеќе од тим по натпревар. Во сезоната 2007/2008 играчите на Арсенал беа најдобрите додавачи, во просек 495 по натпревар. Десет години подоцна просекот на Манчестер сити беше 743, што е за 50 отсто повеќе од најдобриот тим во таа категорија пред 10 години.

Во Премиер-лигата денес има сѐ помалку прекини на играта. Во 2008 година, тимовите во просек правеле 24 прекршоци по натпревар. До 2017/2018 просечниот број на прекршоци е намален за една третина, на нешто повеќе од 16 по натпревар.
Друга еволуција во играта се нафрлувањата пред голот и играчите што го прават тоа. Во споредба со сезоната 2007/2008, и десет години подоцна се забележуваат две големи промени. Прво, има помалку нафрлувања. Во 2008 година во просек имаше 6,5 по натпревар, а во 2018/2019 – 4,5, што е намалување за речиси една третина. Второ, сега различни типови играчи ги нафрлуваат топките. Во 2008 година доминираа крилните напаѓачи и играчите од средниот ред, како Дејвид Бентли, Стјуарт Даунинг, Ешли Јанг (кој тогаш беше крилен напаѓач) итн. Ланската сезона осум од најдобрите 20 беа бекови, како Лукас Диње, Киран Трипиер, Трент Александар-Арнолд и Ешли Јанг.

Ваквата состојба во сезоната 2018/2019 најдобро се отсликуваше во Ливерпул. Бековите Енди Робертсон и Трент Александар-Арнолд беа двајцата најопасни крилни напаѓачи од стар ков во Премиер-лигата. Тие им асистираат на соиграчите да постигнуваат голови одејќи многу често во напад. Теоретски, играта со два бека што функционираат како крила и притоа оставаат огромен, празен простор зад себе значи предност за противникот. Но Ливерпул не прими ниту еден гол од контранапад во Премиер-лигата цела сезона. За такво нешто е потребна одлична тактичка организација што ќе функционира феноменално. Тоа ја потенцира реалноста дека фудбалот сѐ помалку е битка меѓу поединците и сѐ повеќе натпревар на системи. 


Контранападите основа на модерниот фудбал

Пресингот сега е најпопуларната форма за напад во фудбалот, со брзи и силни напаѓачи, како што е случајот со Ливерпул. Европскиот шампион предводен од Јирген Клоп е најдобриот експонент на модерната пресинг-игра, но она што е застрашувачко за ривалите, кај Ливерпул е тоа што покрај „убиствените“ контри, имаат и други квалитети. Нивниот посед на топка од 62,1 проценти е меѓу највисоките во Европа, само Лестер и Тотенхем имаат постигнато повеќе голови од контри во Премиер-лигата, а „црвените“ повеќе ја имаат освоено топката на противничката третина од теренот од која било друга екипа во петте најдобри лиги во Европа. Тие додаваат, притискаат и одат во контри, сѐ со ист интензитет…
Барселона со Пеп Гвардиола ја инспирира играта заснована врз голем посед на топката во раните 2010-ти. Потоа Лестер со Клаудио Раниери и Реал со Зинедин Зидан го преродија контранапаѓачкиот фудбал од 2016 година. Тие постигнаа повеќе голови од контри во Премиер-лигата, односно во Лигата на шампионите (ЛШ) во 2016 и станаа шампиони. Сезонава во Премиер-лигата веќе „падна“ 41 гол од контри, три повеќе отколку во комплетните 2014/2015 и 2015/2016 сезони. Во ЛШ сезонава во групната фаза беа постигнати 18 гола од контри, два повеќе отколку во целата 2015/2016 сезона.