Цената на бегството на Карлос Гон, вклучувала 14 милиони долари во фалсификувани пари за кауција, додека трошоците за целиот потфат при кој некогашниот директор на „Нисан“ избега од Јапонија во Либан изнесувале најмалку 15 милиони долари, тврди „Блумберг“.
Трошоците вклучуваат 350 илјади за приватен авион кој го пренел Гон од Осака до Истанбул и повеќе милиони долари за извлекувањето низ повеќе држави, за чие спроведување бил потребен тим од најмалку 25 луѓе и барем шестмесечно планирање, според приватен безбедносен експерт кој сака да остане анонимен.
Таквите одливи на пари резултираа со намалување на богатството на Гон за 40 отсто откако беше уапсен пред повеќе од една година на аеродромот „Ханеда“ во Токио, Јапонија. Според индексот на милијардери на „Блумберг“, сегашното богаството на Гон се проценува на 70 милиони долари, што е значително намалување во однос на 120-те милиони од времето кога првпат се појави пред судот, пред една година.
Во жестокото излагање што траеше два и пол часа, на завчерашната прес-конференција во Бејрут, Либан, Гон во повеќе наврати истакна дека е невин во однос на обвинувањата за лажно пријавување на приход и дека ги користел парите на компанијата за личен профит. Тој ги обвини јапонските обвинители и власти, како и компанијата „Нисан“ за ковање на заговор за негово соборување, инсистирајќи дека ќе го обели својот образ.
– Навикнат сум на тоа што би го нарекле невозможна мисија. Можете да очекувате дека во наредните неколку недели ќе преземам одредени иницијативи со кои ќе појаснам како ќе ја докажам невиноста – порача Гон.