Мане го доби признанието за кое главни конкуренти му беа соиграчот од Ливерпул, Египќанецот Мохамед Салах, и крилниот напаѓач на Манчестер сити, Алжирецот Ријад Марез
Сенегалецот Садио Мане, напаѓачот на Ливерпул, прогласен е за најдобар играч за 2019 година на Африка, во изборот на Конфедерацијата на африканскиот фудбал (КАФ), на пригодната церемонија што се одржа во Хургада, Египет. Мане го доби признанието за кое главни конкуренти му беа соиграчот од Ливерпул, Египќанецот Мохамед Салах, и крилниот напаѓач на Манчестер сити, Алжирецот Ријад Марез.
Мане (27) им помогна на „црвените“ да ја освојат титулата во Лигата на шампионите (ЛШ) и постигна 30 гола во сите натпреварувања минатата сезона.
Сезонава тој веќе постигна 15 гола, а Ливерпул како лидер на табелата во Премиер-лигата има предност од 13 бода.
– Среќен сум и горд што ја добив оваа награда. Фудбалот е моја работа, јас многу го сакам, како и сѐ што е поврзано со него. Им благодарам на моето семејство, на мојата репрезентација, на федерацијата и на фудбалскиот клуб Ливерпул. За мене ова е голем ден – изјави Мане.
Англиската Премиер-лига беше доста застапена во најдобриот тим на Африка. Најдобрите 11 се: Андре Онана (Ајакс/Камерун), Ахраф Хакими (Борусија Д./Мароко), Калиду Кулибали (Наполи/Сенегал), Жоел Матип (Ливерпул/Камерун), Серж Орие (Тотенхем/Брегот на Слоновата Коска), Ријад Марез (Манчестер сити/Алжир), Идриса Гана Гаје (ПСЖ/Сенегал), Хаким Зијеч (Ајакс/Мароко), Мохамед Салах (Ливерпул/Египет), Садио Мане (Ливерпул/Сенегал), Пјер-Емерик Обамејанг (Арсенал/Габон).
Марез ја освои наградата за гол на годината постигнат од слободен удар на мечот Алжир – Нигерија. Десниот бек на Мароко, Ахраф Хакими (21), кој игра за Борусија Дортмунд, како позајмен фудбалер од Реал, ја доби наградата за најдобар млад играч.