Од денес пред храмот во село Осломеј на јарбол се вее црковното знаме, донирано од еден верник од селото.Со што ова село со големо име но со малку постојани жители го доби и последниот белег, откако претходно црквата „Света Богородица“ беше реновирана и осветена во 1997 година со голем црковно народен собир, истовремено во црковниот двор беше изградена и нова трпезарија и камбанарија.
– Благодарение на донаторот, нашиот млад соселанец Јован Цветкоски, верник од Осломеј, од денес пред црковниот храм „Света Богородица“ се вее црковното знаме, со што нашата црква го доби и последниот верски белег – вели Саве Димитриески, помагател во црковниот храм во ова село.
Инаку село Осломеј е едно од малубројните чисто македонски села во северниот дел од општината, заедно со Јагол Доленци. По една теорија во ова село е роден и еден од првите македонски просветители, Јоаким Крчоски а името на селото го носи и вториот по големина електроенергетски капацитет во земјава ТЕЦ „Осломеј“.